Од Анастасов до „Бруталист“: Македонската уметност ја отвори новата сезона во Белград

Македонската уметност со две изложби го одбележа почетокот на новата културна сезона во Белград, во рамките на програмата поддржана од Министерството за култура и туризам. Првата изложба, „Визии – Глава полна со луѓе“ на Родољуб Анастасов, беше отворена во КИЦ Белград и воедно се одржа по повод 35-годишнината од независноста на Северна Македонија.

На отворањето присуствуваа македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров и кустосот-советник Јасминка Намичева, кои се обратија пред присутните. Меѓу гостите беа претставници на македонската заедница во Белград, членови на дипломатскиот кор, како и поранешни студенти на професорот Анастасов. Дел од нив допатуваа специјално за изложбата од Скопје, но и од Англија.

Изложбата на Анастасов ќе може да се посети во КИЦ Белград до 30 септември. Само еден ден подоцна, на 9 септември, македонската уметничка сцена во Белград продолжи со изложбата „Бруталист“ на професор Благојче Наумоски-Бане и Петар Новковски.

Поставката во „Галерија 73“ претставува уметнички дијалог меѓу професорот и неговиот студент, а преку нивните дела отвора поинаков пристап кон ликовниот израз и идејата за брутализмот. Изложбата привлече голем број посетители, меѓу кои и белградски ликовни уметници, но и ученици од средните уметнички училишта, кај кои поставката предизвика особен интерес.

„Бруталист“ ја отворија директорката на „Галерија 73“ Мирела Пудар и директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров. Поставката во белградската галерија ќе биде отворена до 15 септември. Двете изложби во краток период го ставаат македонското ликовно творештво во фокусот на белградската публика и ја продолжуваат културната размена меѓу двете земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс