Голем дел од Западна Европа во моментов е погоден од интензивен топлотен бран со невообичаено високи температури — од Велика Британија и Ирска на север, преку Германија и Франција, па сè до Шпанија и Италија на југ.
Ова екстремно топло време на почетокот на летото е последица на таканаречената „топлинска купола“ — силен и бавно движечки систем на висок воздушен притисок што доаѓа од Северна Африка и го задржува топлиот воздух над Европа како капак врз тенџере. Според податоците на европската климатска служба Copernicus, ваквите временски системи во последните 25 години стануваат сè почести, што доведува до почести и посилни топлотни бранови, пишува Deutsche Welle.
„Температури од ваков обем порано беа исклучок дури и среде лето“, изјави Фридерике Ото, професорка по климатски науки на Imperial College во Лондон. „Оваа рекордна жештина јасно ги покажува последиците од климатските промени.“
Европа се загрева двојно побрзо од светскиот просек
Иако сè уште е рано прецизно да се утврди колку овој топлотен бран е засилен од емисиите на стакленички гасови, претходни анализи на топлотни бранови во Европа од 2003 година покажуваат јасна врска. Организацијата World Weather Attribution заклучила дека ваквите екстремни настани станале „многу поверојатни и поинтензивни поради климатските промени предизвикани од човекот“.
Најновиот извештај „Состојба на европската клима“ наведува дека најмалку 95% од континентот во 2025 година имал температури над просекот. Топлотни бранови со температури над 30°C се регистрирани дури и северно од Арктичкиот круг, а температурата на површината на морето е највисока досега измерена.
„Европа е континентот што се загрева најбрзо, а последиците веќе се сериозни“, изјави Флоријан Папенбергер од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози. Европа се загрева двојно побрзо од глобалниот просек — со пораст од околу 2,5°C во однос на прединдустрискиот период, наспроти 1,4°C на глобално ниво.
Географија и промени во атмосферските струења
Една од причините е географската положба на Европа, која е поврзана со Арктикот, регион кој се загрева уште побрзо, со пораст од над 3,3°C. Клучен фактор е т.н. албедо-ефект: темниот Арктички океан без мраз апсорбира повеќе сончева енергија, наместо да ја рефлектира како мразот.
Сличен процес се случува и во Европа: области како Алпите, кои порано беа покриени со снег до доцно лето, сега сè почесто остануваат без снежна покривка, па темната почва апсорбира повеќе топлина. Научниците го поврзуваат затоплувањето и со промените во млазната струја, висински ветрови кои течат од запад кон Европа. Поради климатските промени, тие стануваат нестабилни и создаваат екстремни временски услови што се задржуваат подолго над истите области.
Парадокс на чистиот воздух
Иронично, и политиките за намалување на загадувањето придонеле за побрзо затоплување. Строгите регулативи од 1980-тите ги намалиле сулфатните честички во воздухот, кои претходно рефлектирале сончева светлина и имале ефект на ладење. Иако тоа делумно го намалило ладењето на континентот, научниците нагласуваат дека тоа не значи дека треба да се откаже од намалување на емисиите.
Потребата за ограничување на глобалното затоплување ја нагласува и новото извештај на Светската метеоролошка организација (WMO) и британскиот Met Office, кое предвидува речиси рекордни глобални температури во следните пет години.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на итно дејствување за ограничување на порастот на температурите и за побрз премин кон обновливи извори на енергија.