Ако некогаш сте погледнале во авионски билет, багажна налепница или табла за полетувања, сигурно сте ги забележале кратенките како LAX, JFK, DXB, CDG или AMS. Но, зошто токму тие три букви?
Аеродромскиот код е уникатен код составен од три букви, кој се користи за идентификација на аеродромите, но и на одредени хелиодроми, железнички и автобуски станици. Кодoвите ги доделува Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), а во нејзиниот директориум има околу 11.300 кодови.
Системот започнал да се користи во 1930-тите со кодови од две букви, но во 1940-тите тие биле проширени на три букви поради брзиот раст на бројот на аеродроми. Денес овие три букви се неопходни за резервации, авионски билети, распоред на летови, транспорт на багаж и карго и низа други операции во воздушниот сообраќај.
Најчесто е едноставно – но не секогаш
Вообичаено правило е кодот да се формира од првите три букви од името на градот или местото. Така: AMS – Амстердам, FRA – Франкфурт, DUB – Даблин. Но, што се случува кога комбинацијата веќе е зафатена?
Тогаш се бара друга слободна комбинација, по можност која повторно ја содржи првата буква од името. Таков е примерот со Dubai International Airport. Бидејќи комбинацијата DUB веќе му припаѓа на Даблин, за Дубаи е избрана кратенката DXB.
Со текот на времето некои од овие кодови станале толку препознатливи што практично се претвориле во дел од идентитетот на самиот град. Малкумина денес би се збуниле што значат JFK или LAX.
Некои кодови немаат очигледна врска со градот
Не сите кратенки се добиваат од името на градот. На пример, CDG е кодот на парискиот аеродром „Шарл де Гол“, додека ARN го означува аеродромот „Арланда“ во Стокхолм. Постојат и уште понеобични правила.Канадските аеродроми се особено интересни. Повеќето од големите аеродроми имаат кодови што започнуваат со буквата Y.
Причината е историска. При формирањето на системот биле искористени постарите двобуквени ознаки, а во одредени случаи пред нив била додадена буквата Y, поврзана со постоењето на метеоролошка станица. Така се добиени кодови како YOW за Отава и YVR за Ванкувер.
Дали аеродромскиот код може да се промени?
Според IATA, кодовите се сметаат за практично трајни и многу ретко се менуваат. Сепак, промените се случуваат. Во изминатите 12 месеци биле направени околу 750 промени во кодовите и ознаките во системот.
Еден интересен пример е Бангкок. Поранешниот главен аеродром на градот, Don Mueang, некогаш го користел кодот BKK, кога бил познат како Bangkok International Airport. Денес неговиот код е DMK, додека Suvarnabhumi Airport, кој е отворен во 2006 година, го користи BKK.
И JFK има своја историја. Аеродромот првично бил познат како Idlewild Airport, а неговиот код бил IDL. По преименувањето во чест на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, кодот бил променет во JFK.
Зошто токму три букви?
Причината е практична, системот морал да обезбеди доволно комбинации за илјадниците точки во глобалниот транспортен систем.Трите букви овозможуваат огромен број комбинации, а истовремено се доволно кратки за лесно да се користат во резервациски системи, авионски билети, багажни ознаки и информативни табли.
Затоа, следниот пат кога на куферот ќе видите LAX, JFK, DXB или некоја сосема непозната комбинација, зад тие три букви всушност стои мал дел од историјата на воздушниот сообраќај.