Балканот гори: Десетици пожари беснеат низ регионот, критично и во Македонија

Најсериозна е состојбата и во Албанија, каде според локалните медиуми во последните 24 часа избувнале 21 пожар

Десетици пожари се активни низ Западен Балкан, а најсложена е ситуацијата во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Албанија. Според податоците на ЦУК, во Македонија во текот на денот биле регистрирани 14 пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, два се под контрола, а 12 биле изгаснати.

Активни пожари има во Студеничани и Зелениково, каде огнот зафатил мешана шума со крак кон Палиград и Вражале, како и во Македонски Брод, Илинден и Сарај. Горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Проблеми со пожарите има и во Босна и Херцеговина, каде активни се огнови во повеќе области. Пожарот на Требевиќ кај Сараево се гаси во отежнати услови поради силен ветер, сува вегетација и непристапен терен. Во областа на Требиње огнот на места се приближил и до куќи, додека во селото Врановина изгореле две куќи и неколку помошни објекти.

Во Црна Гора активни се пожари во повеќе општини, меѓу кои Подгорица, Херцег Нови, Даниловград, Колашин, Цетиње, Никшиќ и Плевља. Во гаснењето од воздух биле ангажирани повеќе летала, кои извршиле 20 летови и исфрлиле околу 100 тони вода. Хеликоптер на Војската на Црна Гора дополнително исфрлил 13 тони вода кај Ѓеновиќи.

Во Хрватска, пожар се проширил од Босна и Херцеговина кон подрачјето на Конавле, додека пожар избувнал и на островот Свети Климент кај Хвар. Во гаснењето биле ангажирани пожарникари и четири хеликоптери. Пријавен е и пожар на голем брод во близина на Чиово, но сите лица на бродот се безбедни.

Најсериозна е состојбата и во Албанија, каде според локалните медиуми во последните 24 часа избувнале 21 пожар. Шест сè уште се активни, а седум се ставени под контрола. Сувото време, високите температури, ветерот и тешко пристапниот терен дополнително го отежнуваат гаснењето на пожарите низ регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс