Политичко-сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на српската телевизија Нова С, објави авторскиот тим. Новата сезона ќе стартува на 19 септември, но исклучиво на официјалниот Јутјуб канал на шоуто. Раскинот на соработката доаѓа по одлука на новите португалски сопственици на телевизијата, за која екипата отворено посочува дека зад наводните финансиски причини стојат политички мотиви поврзани со претстојните избори во Србија.
Екипата на емисијата соопшти дека на состанок со претставниците на менаџментот им било пренесено дека португалските сопственици повеќе не се заинтересирани за емитување на проектот. Официјалното образложение било дека сопствениците „гледаат само бројки“, а резултатите на шоуто наводно не ги задоволувале критериумите.
Авторите ја отфрлија оваа теза. Тие наведоа дека уште во јуни имале потпишан договор за продолжување на соработката под исти услови и со симболично покачување на цената, при што телевизијата остварувала солидна годишна заработка од емисијата. Според нив, новиот менаџмент воопшто не понудил корекција на финансиските услови или намалување на трошоците за да се најде компромис, туку веднаш ја прекинал соработката.
Тимот на „24 минути“ отворено се сомнева дека одлуката има политичка позадина. Како главен мотив ги наведуваат роковите до одржувањето на следните избори во Србија.
Според информациите со кои располага екипата, во круговите на новиот менаџмент постоел став дека емисијата не смее да почне со емитување пред да завршат изборите, туку снимањата да стартуваат дури по гласањето. Раскинот на соработката уследил откако авторите одбиле да молчат за ваквите барања и јавно проговориле за случувањата зад сцената.
Наместо прекин на работата, екипата најави дека новата сезона ќе се емитува на Јутјуб, потпирајќи се на сопствената публика и на јавната солидарност. По соопштувањето на веста, граѓани и занаетчии понудиле помош со донации на сценографија, ЛЕД екрани и простор за работа.
„Ако досега киневме, отсега ќе искинеме. Од инает, од љубов кон вистината и правдата, од бес. Најголема поддршка ќе биде да нè гледате и понатаму“, порачаа од тимот, најавувајќи го почетокот на новата сезона за 19 септември.