Уредничкиот колегиум на телевизија Нова побара од новото раководство на куќата да ја повлече одлуката за прекин на емитувањето на „24 минути со Зоран Кесиќ“. Новинарите и уредниците во Белград соопштија дека потегот директно штети на угледот на медиумот. Според нив, сатиричната емисија изгради институционална доверба кај гледачите, па нејзиното тргање од програмата ќе остави празнина што ниту еден нов ТВ формат нема да може да ја надомести.
Откако новиот менаџмент на „Адриа њуз Нова С“ (Adria News Nova S) донесе одлука од претстојната есен „24 минути со Зоран Кесиќ“ да не биде дел од програмската шема, водечките уредници на куќата излегоа со јавен отпор.
Во соопштението потпишано од уредниците Алекса Максимовиќ, Слободан Георгиев, Јелена Алексиќ, Невена Маџаревиќ и Марко Новичиќ, се наведува дека потегот не е во интерес ниту на програмата ниту на самата телевизија.
„Наш заеднички став, како професионалци кои ја изградија ТВ Нова во кредибилна и гледана станица, е дека емисијата донесе многу повеќе од обичен рејтинг. Таа имаше клучна улога во изградбата на довербата кај гледачите. Како таква, не заслужува да исчезне од нашиот етер“, порачаа од колегиумот.
Уредниците посочуваат дека ова не е изолиран потег на новото раководство. Во соопштението директно се споменуваат претходните кадровски и програмски резови што ја разбрануваа јавноста во Србија: поместувањето на политичката дебатна емисија „Впечаток на неделата“ (Утисак недеље) и целосното гасење на здравствениот магазин „Здраво мисли“.
Колегиумот нагласува дека по ваквата серија одлуки, публиката ќе почне да се сомнева и во остатокот од информативната програма.
„Ова го зборуваме како медиумски професионалци зад кои стојат децении работа. Бараме од менаџментот да ја преиспита одлуката за укинување на емисијата, доколку заедничка цел ни е ТВ Нова да остане една од најдобрите станици во земјата“, стои во писмото со кое му се дава целосна поддршка на тимот на Зоран Кесиќ.