Златото повторно е „сигурно засолниште“: Зошто начинот на инвестирање е клучен?

Инвеститорите повторно масовно вложуваат во злато, а експертите предупредуваат дека е важно дали се купува физичко или „хартиено“ злато. Расте и интересот за среброто како долгорочна инвестиција.

Инвеститорите ширум светот повторно масовно се насочуваат кон златото како сигурно засолниште во време на економска неизвесност, покажуваат најновите податоци на Светскиот совет за злато. Глобалните ETF фондови поврзани со злато во април забележале нето приливи од околу 6,6 милијарди долари, највисоко месечно ниво од крајот на 2022 година. Ова доаѓа по период кога инвеститорите претходно повлекуваа капитал од пазарот.

Економскиот аналитичар Георгиј Христов за Euronews Srbija објаснува дека голем дел од тие вложувања се прават преку ETF фондови, кои најчесто ги користат големи институционални инвеститори, како пензиски и инвестициски фондови.

„Хартиено“ или физичко злато?

Христов посочува дека ETF инструментите често се нарекуваат и „хартиено злато“, бидејќи инвеститорите не поседуваат вистинско физичко злато, туку само финансиска изложеност на неговата цена.

„Кога купувате физичко инвестициско злато, го поседувате директно и можете да го продадете каде било во светот. Кај ETF фондовите зависите од берзата или платформата преку која сте инвестирале“, објаснува тој.

Според него, токму директното сопствеништво и независноста од посредници се главната предност на физичкото злато за обичните инвеститори.

Кина и Индија го движат светскиот пазар

Кина и Индија имаат сè поголемо влијание врз глобалниот пазар на благородни метали.

Христов вели дека Кина е еден од најголемите играчи во инвестициите во злато и сребро, додека во Индија се забележува интересен тренд, граѓаните сè помалку купуваат накит, а сè повеќе инвестициско злато. Според него, тоа покажува дека златото постепено се трансформира од симбол на статус во чист финансиски инструмент за зачувување на вредноста.

Среброто добива на значење

Освен златото, аналитичарите гледаат потенцијал и во сребро, особено поради неговата широка индустриска употреба. Среброто се користи во електроника, технологии и индустриско производство, а растечката побарувачка би можела дополнително да ја зголеми неговата вредност во иднина.

„Постои реална можност во иднина да дојде до недостиг на сребро, што би ја зголемило цената. Затоа дел од заштедите може да се вложат и во сребро, но со долгорочен пристап“, смета Христов.

Долгорочна заштита, а не брза заработка

И покрај историски високите цени на златото, интересот на инвеститорите не слабее. Експертите советуваат дека благородните метали треба да се гледаат како долгорочна заштита на вредноста, а не како краткорочна шпекулација.

„Не треба целата заштеда да се вложи во злато, но дел од средствата секогаш треба да бидат во инвестициско злато. На долг рок, краткорочните осцилации стануваат неважни“, заклучува Христов

е-Трн да боцка во твојот инбокс