Со силна музичка порака за слобода и солидарност со палестинскиот народ, синоќа беше отворено 45. издание на Скопје џез фестивал. Почетокот го одбележа „Храброста на храбрите: Слободна Палестина“ („Bravery of the Brave: Free Palestine“), проект на прочуениот словенечки перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич, кој предизвика бурен аплауз кај присутните љубители на џезот.
Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, потсети дека проектот пред неколку години го привлече вниманието на европската публика, по првиот настап на фестивал во Италија. Каучич, кој веќе настапувал во Скопје, овојпат се претстави и како композитор, аранжер и диригент на ансамблот.
„Проектот уште од самиот почеток, во времето на пандемијата, беше посветен на борците за човекови права познати низ целиот свет. Сега е посветен на движењето за признавање на палестинскиот народ и неговата слобода“, истакна Белопета, најавувајќи ја и програмата на фестивалот, со концерти на музичари од повеќе земји.
Џезот како глас за слобода
Каучич, автор на повеќе од 60 албуми и музичар со богата меѓународна кариера, соработувал со некои од најзначајните имиња на современата импровизирана музика. Со овој проект уште еднаш ја потврди својата посветеност на музиката како простор за слободно изразување, критичка мисла и општествена одговорност.
Ансамблот го сочинуваат Јуре Боршич и Иван Пилат на саксофон, Франческо Ивоне на труба, Јан Јарни и Јантон Лоренцути на електрична гитара, Тими Времец на електричен бас, Жига Ипавец на тапани и перкусии, Томи Новак на тапани, синтисајзер, семплер и перкусии, како и Роби Ерзетиќ на тапани.
Како композитор и уметнички директор, Каучич го предводеше ансамблот составен од негови поранешни студенти и реномирани италијански музичари. Саксофоните, трубата, електричните гитари, басот, тапаните, синтисајзерот и разновидните перкусии создадоа интензивен звучен спој, во кој импровизацијата и колективната енергија беа во преден план.
„Храброста на храбрите“ е повеќе од музичка композиција – таа е уметнички став и повик на солидарност. Проектот ја истакнува моќта на заедничкото дејствување и потребата од истрајност пред неправдата, претворајќи ја музиката во чин на отпор и глас за луѓето што се борат за своите права и за доброто на заедницата.
Со обновувањето на проектот во 2024 година, под наслов „Храброста на храбрите: Слободна Палестина“, оваа порака доби дополнителна актуелност. Настапот во Скопје ја поврза уметничката слобода со солидарноста со палестинскиот народ и потсети дека музиката може да биде простор за поврзување, преиспитување и општествен ангажман.
Фестивалската вечер продолжи со меѓународни музички соработки
Програмата продолжи со настапот на тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, музичар со седиште во Виена, познат по својата разиграна имагинација и пристап без жанровски ограничувања.
Првата фестивалска вечер заврши по полноќ на малата сцена на Националната опера и балет, со настапот на Пасквале Мира и Хамид Дрејк, кои го претставија проектот „Ласа“ („Lhasa“). Нивното дуо постои од 2008 година, а музичкиот однос го градат преку перкусија и импровизација.
Со ваков почеток, 45. Скопје џез фестивал ја истакна не само разновидноста на современиот џез, туку и неговиот потенцијал да отвора општествени прашања и да испраќа пораки што ги надминуваат границите на музичката сцена.
