Зимското сметање на времето годинава започнува на 25 октомври. Тогаш стрелките на часовникот во 03:00 часот ќе се вратат еден час назад, односно на 02:00 часот. Европската комисија го објави распоредот за почетокот и крајот на летното сметање на времето за наредните години, врз основа на важечките правила на Европската Унија.
Според распоредот, летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март, а ќе заврши на 31 октомври. Сепак, објавувањето на овие датуми не значи дека промената на часовникот двапати годишно дефинитивно ќе остане во сила до 2031 година. Доколку во меѓувреме се усвојат нови правила на ЕУ, сезонското поместување на часовникот би можело да биде укинато и порано.
Дали конечно ќе престанеме да го менуваме часовникот?
За укинување на летното и зимското сметање на времето во Европската Унија се разговара веќе со години. Европскиот парламент во 2019 година поддржа предлог за прекин на сезонското менување на времето, со план тоа да се случи во 2021 година. Сепак, процесот беше одложен бидејќи земјите-членки не успеаја да постигнат договор околу тоа кое време летното или зимското треба да остане трајно.
Главниот проблем беше да се избегне ситуација во која соседните земји би избрале различни временски режими, што би создало дополнителни проблеми за транспортот, трговијата и секојдневното функционирање.
Истите правила важат и за Македонија
Сезонското менување на времето се применува и во Северна Македонија. Според важечкото правило, летното сметање на времето започнува во последниот викенд од март. Тогаш, во 02:00 часот, стрелките се поместуваат еден час нанапред – на 03:00 часот. Зимското сметање на времето започнува во последниот викенд од октомври. Во 03:00 часот стрелките се враќаат на 02:00 часот.
Тоа значи дека на 25 октомври годинава ќе добиеме еден час повеќе сон, но денот потоа ќе се стемнува порано.