Еуродрам: Зошто драмите треба да се читаат а не само да се играат на сцена?

Мрежата Еуродрам заокружува 25 години постоење со дебата меѓу европски издавачи во Скопје и промоција на нови преводи

Генералната асемблеја на „Еуродрам“ во Скопје, со која се одбележуваат 25 години од основањето на мрежата, денеска ја заокружува својата програма со панел-дискусија, драмски читања „Еден на еден“ и театарска претстава во вечерниот термин.

На 31 октомври (сабота), од 11:00 до 12:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржи панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска. Ќе учествуваат Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина, Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ – Скопје и Доминик Долмие од „Само за миг“ („L’Espace d’un instant“) – Париз.

Панелот се организира во партнерство со Европската федерација на театарски издавачи. Истовремено ќе се одржии дигитален саем на драмски наслови објавени на различни јазици.

Од 13:30 до 14:30 часот, во Театар Комедија, настанот „Кутија – еден на еден“ ќе понуди можност да се слушнат извадоци од драми на различни јазици, прочитани од членови на „Еуродрам“. Свеченото затворање на Асемблејата е предвидено од 14:30 до 15:00 часот.

Во вечерниот термин, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и продукција на Театар Комедија.

Претходниот ден, на 30 октомври во „Лабораториум“, се одржа промоцијата на француското издание на драмата „Јас, на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска, со разговор во кој учествуваа Доминик Долмие, Фроса Пејоска-Бушро и авторката. Учесниците зборуваа за патот на драмата до француското издание, покажувајќи како препораките, преводите и соработката во рамките на „Еуродрам“ им отвораат нови можности на драмските автори.

– Изданието на француски јазик не само што е голем успех за мене како авторка, туку и значаен момент за нашата современа драматика, која добива видливост и надвор од државата. Последниве години добив неколку признанија и ми се случија премиерите во Германија, Австрија, Косово, така што имам чувство дека тоа што го пишувам е препознаено, се вреднува и ме прави посебно среќна – изјави Ана Ристоска Трпеноска.

Второто сценско читање во рамките на програмата наГенералната асемблеја на „Еуродрам“, овојпат посветено на современата романска драма, се одржа на 30 октомври на големата сцена во Театар Комедија. Во режија на Теодора Петре, актерите Ева Косак, Кабирија Моргенштерн и Александру Иваноју со многу симпатична изведба читаа извадоци од три драми: „Кога бев мала, сакав да бидам светица“ од Анка Мунтеану и „LIRDA“ од Лета Попеску, во англиски превод на Кики Симион; и „Ова проклето место“ од Симион Руксандра и Анамарија Ферару, во англиски превод на Јозефина Компорали. По актерскиот дел следуваше разговор со преведувачките и режисерката, модериран од Александру Иваноју. Настанот беше организиран во партнерство со IOTA, со кофинансирање од Националната администрација на културниот фонд на Романија.

Во вечерниот термин на 30 октомври беше изведена претставата „Избраниот“ од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ и продукција на Театар Комедија.


Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на асемблејата се Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс