Свештеник ја нападна дигитализацијата на документите и го нарече министерот антихрист

По најавата за мобилна апликација за лични документи, свештеник предупреди на губење на духот и го спореди процесот со логорски број.

Промоцијата на новата владина платформа m.Uslugi за дигитална идентификација предизвика остра реакција од свештеникот Стеван Здравески од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА. Преку серија објави на социјалните мрежи, тој ги повика верниците да ги одбијат електронските документи, тврдејќи дека тие водат кон духовно ропство и бришење на личноста. Здравески отворено го нападна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, квалификувајќи го како „антихрист“, а целиот процес го поврза со библиското пророштво за бројот 666.

Свештеникот Стеван Здравески во своите објави под наслов „Да останеме Христови во време на дигиталната заробеност“ изнесе тешки обвинувања против воведувањето на дигиталните документи. Тој тврди дека замената на физичките исправи со мобилни апликации го деградира човекот и го сведува на административен код.

„Светот ни вели дека тоа е за наша безбедност, но кога човекот ќе го прифати бројот наместо своето име, тогаш се губи духовната слобода“, порача Здравески. Во своите статуси тој направи директна споредба со обележувањето затвореници во логори и упати апел: „Подобро е да останеш без документ отколку да го изгубиш Христос“.

Министерството за дигитална трансформација ја промовираше платформата m.Uslugi како пилот-проект што треба да овозможи пристап до личната карта и возачката дозвола директно од паметен телефон. Министерот Стефан Андоновски објасни дека граѓаните добиваат поголема контрола врз своите податоци преку селективно споделување, наместо да ги откриваат сите информации при секоја проверка.

Користењето на апликацијата m.Uslugi останува исклучиво доброволно за сите полнолетни граѓани, а физичките пластични документи целосно ја задржуваат својата законска важност. Во оваа почетна фаза, дигиталната верзија не може целосно да ги замени физичките исправи при редовна полициска контрола на терен, сè додека не се завршат сите технички и законски усогласувања.

Јавните напади на свештеникот од Преспанско-пелагониската епархија фрлаат светлина врз отпорот кон технолошките процеси во делови од религиозните заедници. Додека институциите ја претставуваат дигитализацијата како алатка за намалување на шалтерските редици и административниот хаос, дел од свештенството ја толкува како губење на човечката суштина.


Засега нема потврда дали ваквите ставови имаат поддршка од Синодот на МПЦ-ОА или претставуваат само личен став на парохискиот свештеник. Ова не е првпат современите административни реформи во земјата да се соочат со теолошки скептицизам, особено кога станува збор за биометриски и електронски бази на податоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс