Паѓа ли недопирливоста во Белград: Полициски рации и притвори за функционери

По сведочењето за уривањето во Савамала и отпорот во новосадската гимназија, обвинителството покренува постапки додека власта зборува за терор.

Бран полициски упади, сослушувања и барања за притвор ја потресоа српската администрација откако обвинителствата отворија неколку предмети против функционери и раководители на институции. Случаите варираат од притворањето на поранешниот началник на комуналната полиција по неговото јавно сведочење за случајот „Савамала“, до кривичниот прогон против директорот на гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“ во Нови Сад. Додека власта обвинува за притисок врз институциите, студентските движења бараат итни смени на полицискиот врв.

Поранешниот началник на Комуналната полиција на Белград, Никола Ристиќ, заврши во притвор по налог на Вишото јавно обвинителство, веднаш по јавниот истап во кој отворено зборуваше за нелегалното уривање во белслошкиот кварт Савамала. Ристиќ јавно го посочи тогашниот градоначалник Синиша Мали како директен организатор на акцијата.

„Мене ме повикува градоначалникот Синиша Мали да дојдам во неговата канцеларија и таму ми соопштува дека мора да се одработи едно уривање во зоната на Белград на вода“, изјави Ристиќ пред неговото апсење. Тој се товари за наводно оддавање службена тајна, а мерката притвор му беше изречена во период на изборен молк.

Во Нови Сад, директорот на гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“, Радивоје Стојковиќ, се соочува со барање за притвор откако одби да постапи по правосилна судска одлука. Судот претходно пресуди дека четворица професори биле неоправдано отстранети и наложи нивно враќање на работа, но директорот не им дозволи да влезат во училниците и да држат настава.

Основното јавно обвинителство во Бачка Паланка соопшти дека Стојковиќ е осомничен за четири кривични дела на неизвршување судска одлука од членот 340 од Кривичниот законик. Обвинителството побара притвор поради опасност од повторување на делото и влијание врз сведоци. Случајот предизвика реакција од врвот на државата, при што вршителката на должноста претседателка на Србија, Ана Брнабиќ, постапката ја нарече „владеење на теророт“.

Паралелно со овие постапки, припадници на Управата на криминалистичката полиција (УКП) влегоа во просториите на Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура. Проверките се вршат по налог на Првото основно јавно обвинителство во Белград, а фокусот е ставен врз сомневања за наводно уништување на службена документација.

Претставниците на Студентската листа побараа итни смени на челните луѓе во безбедносниот апарат. Тие бараат оставки од началникот на УКП Марко Кричко, командантот на Жандармеријата Радослав Ребац и командантот на САЈ Игор Жмириќ.


Кандидатката на Студентската листа, Светлана Станаревиќ, посочи дека овие раководни кадри подлегнале на политички притисок од центрите на моќ. Таа оцени дека безбедносниот систем мора да покаже зголемено внимание и будност за да спречи натамошни неправилности во овој транзициски период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс