Маврово завеано во снег, попладнево наликуваше на вистинска снежна бајка. Врнежите кои почнаа вчера попладне и продолжуваат денес, направија снежна покривка од повеќе од 80- сантиметри.
Снежната граница, особено во западните предели попладнево ќе се спушти и под 1000 метри надморска височина.
И додека некои се радуваат на снегот, на патните правци тој создава големи проблеми. Од 14:35 часот, на регионален пат Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за движење на сите видови возила, поради снежни врнежи, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Поради врнежи од снег забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските премини Стража, Ѓавато и Маврово.Возило од Македонија пат моментално почнува со чистење на патот околу Мавровско езеро од кај страната на Бунец.
Поради големите наноси на снег се очекува чистењето на патиштата да потрае подолго време. По извршениот контакт со одговорното лице од ЕЛС Маврово добиена е информација дека во најголем дел локалните патни правци се проодни.