Жените почесто умираат од топлотните бранови

Истражување од 35 земји покажува 56% повеќе смртни случаи поврзани со топлина кај жените. Научниците откриваат зошто биологијата не е главната причина.

Истражување на податоци од 35 земји покажало дека за време на жешкото лето во 2022 година во Европа биле регистрирани 56 отсто повеќе смртни случаи поврзани со топлина кај жените отколку кај мажите. Но, научниците велат дека главната причина не е само биологијата.

На прв поглед, објаснувањето може да изгледа едноставно жените имаат пониска стапка на потење, различна распределба на телесните масти, а хормоните влијаат врз регулирањето на телесната температура.Но истражувачите предупредуваат дека биолошките разлики се само дел од приказната.

Според Александра Шнајдер од институтот „Хелмхолц“ во Минхен, студиите генерално покажуваат само мала поголема чувствителност на жените на топлина во споредба со мажите.

Најголем ризик има кај постарите жени

Посебно ранлива група се жените по менопаузата, кога се зголемува кардиоваскуларниот ризик. Кај постарите жени кои веќе имаат срцеви заболувања, ризикот дополнително се зголемува. Но, според научниците, и тука условите во кои живеат луѓето можат да бидат поважни од самите хормонални разлики.

Возраст, физичка кондиција, големина на телото и нивото на физичка активност се меѓу факторите што значително влијаат врз тоа како организмот го поднесува топлотниот стрес. Интересно е што, иако жените во просек се потат помалку, тоа не значи автоматски дека полошо ја поднесуваат топлината. Женското тело, според истражувачите, поефикасно го насочува крвотокот кон кожата, со што се овозможува ослободување на топлината.

Вистинскиот проблем може да биде начинот на живот

Еден од клучните фактори е поголемата изложеност на топлина. Истражувањата на Лори Парсонс од Универзитетот „Ројал Холовеј“ покажуваат дека во одредени индустрии жените поминуваат 30 до 50 отсто повеќе од работното време над прагот на топлински стрес отколку мажите. Во градежништвото, кога се споредуваат мажи и жени кои ја вршат истата работа, разликата достигнува околу 50 отсто.

Во некои земји жените извршуваат голем дел од физички тешките помошни работи носат материјали, мешаат малтер и работат на отворено под директно сонце. Дополнителен проблем е што жените често носат повеќе облека поради работните или општествените норми, а поретко бараат пауза.

Работата не завршува кога завршува смената

Изложеноста не престанува ниту по завршувањето на работниот ден. Додека мажите можат да се одморат по напорната работа, жените често продолжуваат со готвење, чистење и грижа за децата. Така, топлотниот стрес може да се претвори во постојана изложеност која е многу потешко да се забележи.

Високите температури влијаат и врз заработката. Според истражувањата цитирани во анализата, работниците изложени на топлотен стрес во производството на облека можат да бидат околу 30 отсто помалку продуктивни. Кај самовработените, тоа може директно да значи помал приход, а последиците да ги почувствува целото семејство.

Топлината не е само временска појава

Научниците затоа предупредуваат дека топлотниот стрес не треба да се гледа само како последица од високите температури. Кој е изложен, колку долго, каква работа работи, дали може да направи пауза и какви услови има дома, сето тоа влијае врз ризикот.

Токму затоа разликата во смртноста меѓу жените и мажите не може едноставно да се објасни со хормоните или со тоа кој организам подобро се поти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс