Руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град Галаци и повреди две лица, 51-годишна жена и 14-годишно дете. Инцидентот се случил во близина на брегот на Дунав, на територија на земја-членка на НАТО, во време кога Русија повторно изведувала напади врз украинска инфраструктура во пограничниот регион.
Дронот го погодил покривот на десеткатницата, по што следеле експлозија и пожар во стан на десеттиот кат. Повредените биле во станот под местото на ударот, се евакуирале сами, а потоа биле пренесени во болница со полесни повреди и изгореници.
Удар врз станбена зграда, евакуирани околу 70 лица
Романските служби соопштија дека околу 70 жители биле евакуирани или самоевакуирани од зградата по експлозијата. Специјализирани тимови на противпожарната служба во Галаци и Романската разузнавачка служба излегле на терен, а враќањето на станарите во домовите ќе зависи од проценката на безбедноста на објектот.
Градските власти најавија дека, доколку биде потребно, ќе обезбедат сместување за станарите од погодената зграда. Дел од жителите веќе заминале кај роднини и пријатели.
Романија крена Ф-16, НАТО ја осуди „руската неодговорност“
По инцидентот, романските власти итно подигнале два авиона Ф-16 и еден воен хеликоптер IAR 330 SOCAT. Министерството за одбрана соопшти дека пилотите имале овластување да дејствуваат врз цели во текот на тревогата.
За случајот се огласи и НАТО. Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, соопшти дека генералниот секретар Марк Руте е во контакт со романските власти и дека НАТО ја осудува „руската неодговорност“. Алијансата порача дека ќе продолжи да ја зајакнува одбраната од сите закани, вклучително и од беспилотни летала.
Романија сè почесто е погодена од руската војна покрај Дунав
Романското Министерство за одбрана објави дека од почетокот на војната во Украина, фрагменти од беспилотни летала биле пронајдени во 47 случаи на романска територија. Само годинава се регистрирани 12 такви ситуации.
Од почетокот на руската инвазија, романските власти регистрирале повеќе од 90 напади врз украинска територија во близина на границата со Романија. Во 28 случаи било забележано навлегување на руски беспилотни летала во романскиот воздушен простор.
Галаци се наоѓа на Дунав, во близина на украинската граница, регион кој станува сè поизложен на последиците од руските напади врз украинските пристаништа и инфраструктура. Овојпат, војната не заврши на другата страна од реката, туку удри директно во станбена зграда на територија на НАТО.