Спасувачките екипи во Венецуела цела ноќ трагаа по луѓе заробени под урнатините по двата разорни земјотреси што опустошија делови од земјата и околината на главниот град Каракас.
Според „Ројтерс“, стотици луѓе се заробени под урнатите и оштетените објекти, додека илјадници се водат како исчезнати.
Владата соопшти дека 235 тела биле пренесени во медицински центри, но засега не објави целосна проценка за бројот на жртвите од земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени, кои во средата ја погодија земјата.
Веб-страница за следење исчезнати лица, споделена од опозициски лидери во политички поделената Венецуела, наведува дека 49.500 луѓе се водат како исчезнати. Американскиот геолошки завод, пак, проценува дека бројот на загинати може да надмине 10.000.
Шпанското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца шпански државјани загинале, а околу 80 се водат како исчезнати.
Спасувачи, војници и граѓани копаат низ урнатините
Додека пристигнуваат странски спасувачки тимови, пожарникари, војници и загрижени граѓани пребаруваат низ разурнатите згради.
Во делови каде што нема струја, спасувањето се одвива со батериски ламби, а на некои места луѓето копаат и со голи раце, надевајќи се дека под урнатините има преживеани.
„Тој е под плочите и нема механизација да го извлечеме“, изјави Јамилет Хименез за својот 19-годишен син, кој е заробен во урнатините на нивната седумкатна станбена зграда во Ла Гваира, град близу Каракас.
Илјадници луѓе останаа без дом
Земјотресите оставија илјадници луѓе без дом во земја која веќе со години се соочува со длабока економска и политичка криза.
Венецуела е ослабена од децениски турбуленции, сиромаштија, масовно иселување и уништена основна инфраструктура. Многу жители живеат во импровизирани сиромашни населби на ридовите, познати како „бариос“, каде што штетите од земјотресите се особено сериозни.
Голем број луѓе ноќта ја поминаа на улица, плашејќи се да се вратат во оштетените домови.
Владата потврди дека најмалку 250 згради се оштетени или уништени. Меѓу сериозно оштетените објекти се најмалку осум болници, Венецуелскиот Црвен крст и француската амбасада.
„Изгубивме сè“
Бројни доброволци се упатија по автопатот Каракас–Ла Гваира, носејќи вода, храна и лекови за погодените од земјотресите.
„Изгубивме сè. Се надеваме дека помошта брзо ќе пристигне“, изјави 64-годишниот Педро Перез, сопственик на работилница за тапацир, кој останал без дом и спие на улица со сопругата и децата.
Во близина на епицентарот, во Морон, крајбрежен град во државата Карабобо, куќи се урнати, а жителите останале без вода и електрична енергија. Семејствата се обидувале да спасат што можат од своите домови, од душеци и телевизори до машини за перење.
Новинари на „Ројтерс“ забележале и припадници на „колективос“, моторџиски групи кои со години се обвинувани за заплашување на опозициски поддржувачи, како помагаат во спасувачките акции.
Помош пристигнува од странство
Повеќе земји од светот понудија помош за Венецуела, вклучително и држави кои во минатото имаа затегнати односи со Каракас поради политичката изолација, репресијата и економскиот пад во земјата.
Привремената претседателка Делси Родригез, која ја презеде функцијата откако САД во јануари го заробија поранешниот лидер Николас Мадуро, им се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин за понудената помош.
Вашингтон ги олесни санкциите за да овозможи испорака на хуманитарна помош за земјотресот, која инаку би била забранета.
Трамп изјави дека САД се „подготвени и способни да помогнат“. Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека Вашингтон ќе испрати спасувачки тимови, додека Пентагон ќе помогне со логистика и поддршка на оштетениот аеродром во Каракас.
Родригез објави снимки од пристигнувањето на мексикански војници и кучиња трагачи на оштетениот аеродром во Ла Гваира, кој моментално е отворен само за државни и воени летови.
ОН: Ќе биде потребен масивен заеднички напор
Шефот за хуманитарна помош на Обединетите нации, Том Флечер, изјави дека ОН ги координираат меѓународните спасувачки тимови и дека ќе биде потребен „масивен заеднички напор“ за справување со последиците.
Според него, ситуацијата е дополнително тешка затоа што и пред земјотресот околу 8 милиони луѓе во Венецуела имале потреба од хуманитарна помош.
Оваа катастрофа може да стане најсмртоносниот земјотрес во модерната историја на Венецуела. Досега, најтешкиот земјотрес во земјата беше во 1967 година, кога загинаа 240 луѓе.