Земјотрес од 7,7 степени во Јапонија, војската е на улиците, издадено предупредување за можен „мегапотрес“

Силен земјотрес ја погоди Јапонија и предизвика итна мобилизација на воени и спасувачки служби. Властите издадоа предупредување за цунами и апелираа за внимателност поради ризик од нови, посилни потреси.

Силен земјотрес со магнитуда од околу 7,7 степени ја потресе Јапонија, при што епицентарот бил во морето во близина на североисточниот брег на земјата, во регионот Санрику, на длабочина од околу 10 километри. 

Веднаш по потресот, јапонските власти издадоа предупредување за цунами за делови од североисточниот брег, а на граѓаните им беше упатен апел итно да се евакуираат на повисоки подрачја. 

Првите бранови на цунами веќе се регистрирани на одредени локации, со висина до околу 80 сантиметри, додека службите за итни интервенции внимателно ја следат состојбата на терен. 

Како дел од превентивните мерки, војската и спасувачките екипи се распоредени на улиците и во погодените региони за помош при евакуации и обезбедување на критичната инфраструктура.

Железничкиот сообраќај, вклучително и брзите возови, е привремено запрен, а се вршат проверки на електрани и други објекти за можни оштетувања. 

Јапонската метеоролошка агенција предупредува дека постои зголемен ризик од дополнителни силни потреси, а дел од експертите укажуваат на можност за т.н. „мегапотрес“ во поширокиот сеизмички регион, што ја зголемува загриженоста кај населението. 

Иако засега нема информации за поголем број жртви или сериозни штети, ситуацијата останува нестабилна и под постојан мониторинг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни