Моќен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени го погоди индонезискиот остров Флорес, оставајќи зад себе жртви, повредени, оштетени објекти и илјадници луѓе кои ги напуштиле своите домови. По главниот удар биле регистрирани дури 111 последователни потреси, а земјотресот предизвикал и цунами.
Најмалку 20 лица загинаа, шест се повредени, а спасувачките екипи трагаат по уште две лица за кои се верува дека се затрупани по свлечиште.
Бројот на жртвите сè уште не е конечен. Индонезиската Национална агенција за управување со катастрофи – BNPB претходно објави пониски, официјално потврдени бројки и нагласи дека информациите од погодените подрачја постојано се проверуваат.
Пристапот до дел од населените места е отежнат поради свлечишта, блокирани патишта, прекини на електричната енергија и проблеми со комуникациите.
По главниот удар следувале 111 земјотреси
Земјотресот се случил рано утрото на 15 август. Според индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика – BMKG, епицентарот бил во морето, на околу 30 километри североисточно од Нагекео, на длабочина од само 15 километри.
Потресот силно се почувствувал на големо подрачје, а жители сведочеле дека тресењето траело околу една минута. Луѓето во паника ги напуштале домовите, додека силни потреси биле почувствувани низ Источна и Западна Нуса Тенгара и во делови од Јужен Сулавеси.
До 10 часот по локално време биле регистрирани 111 последователни земјотреси. Нивниот интензитет постепено се намалувал, но властите ги предупредиле жителите да останат внимателни и да не влегуваат во оштетените објекти.
Земјотресот предизвикал и цунами
По силниот потрес било активирано предупредување за цунами, поради што илјадници жители на крајбрежните области се упатиле кон повисоките места.
BMKG регистрирала промени на нивото на морето на повеќе локации. Најголемиот измерен бран достигнал 0,94 метри во Мауроле-Енде. Во Лабуан Баџо бил измерен бран од 0,36 метри, во Флорес Тимур од 0,25, а во Сика од 0,19 метри.
Опасноста од поголемо цунами подоцна била отфрлена и предупредувањето било укинато.
Илјадници жители ги напуштиле домовите
Околу 2.000 жители на Нагекео биле принудени да ги напуштат своите домови. Пријавени се оштетувања на куќи, магацини, јавни и административни објекти, а во делови од регионот било прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Спасувачите пребаруваат урнатини и подрачја погодени од свлечишта. Дел од трансфлорескиот пат, главната сообраќајна артерија на островот, е блокиран, па до некои населени места екипите се обидуваат да стигнат по море. На располагање е ставен и хеликоптер за транспорт на помош и евакуација.
Истиот регион во 1992 година го погоди разорно цунами
Според BMKG, земјотресот е поврзан со активирање на Flores Back Arc Thrust, активен расед северно од островот Флорес. Сеизмичката зона има потенцијал за создавање исклучително силни земјотреси.
Регионот веќе има трагично искуство со вакви катастрофи. Во 1992 година земјотрес со магнитуда од 7,5 степени предизвика разорно цунами во кое загинаа околу 2.500 луѓе.
Спасувачките операции продолжуваат, а властите предупредуваат дека податоците за жртвите и штетата може да се менуваат додека екипите пристигнуваат до потешко достапните подрачја.