Земјотрес со јачина од 4,3 степени утрово го погоди подрачјето кај островот Евија во Грција, во близина на Атина. Засега нема информации за повредени лица, а грчките власти и сеизмолозите ја следат серијата последователни потреси во регионот.
Според Институтот за геодинамика при Националната опсерваторија во Атина, потресот бил регистриран во 5:13 часот по локално време, со епицентар во близина на Прокопи, на Евија. Земјотресот бил на длабочина од околу 16 километри.
Сеизмолозите оценуваат дека станува збор за последователен потрес по посилниот земјотрес што претходно ја погоди Евија и беше почувствуван и во делови од Атина и централна Грција.
Претседателот на грчката Организација за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, изјави за грчките медиуми дека сеизмичката активност се одвива во рамки на очекуваното и дека засега нема причина за паника.
Во областа се регистрирани повеќе од 100 последователни потреси, поради што надлежните служби остануваат на терен и ја следат состојбата. Како мерка на претпазливост, дел од училиштата во погоденото подрачје останаа затворени.
Грчките медиуми јавуваат дека по претходните посилни потреси на Евија имало оштетувања на дел од куќи и патната мрежа, како и свлечишта во северниот дел на островот. Надлежните служби продолжуваат со проценка на состојбата.