Само што зборувавте за нешто, а веќе ви излезе реклама на телефонот. Како е можно?

Спомнувате нов фрижидер или одмор во Грција, а на телефонот ви се појавува токму таква понуда. Објаснувањето најчесто е во трагите што ги оставате на интернет.

Седите на кафе и разговарате за нови патики. Подоцна го отворате телефонот и гледате реклама за патики. „Ме прислушува“, си помислувате. Но, за да ви прикажат таква реклама, компаниите веќе имаат многу информации за вас.

Што пребарувате, кои страници ги отворате и какви апликации користите, сето тоа им помага да проценат што ве интересира. Понекогаш процената е толку прецизна што изгледа како некој да го слушал разговорот, објаснува професорот Дејвид Чофнес од американскиот универзитет „Нортистерн“.

Како знаат што да ви понудат?

Ако разгледувате хотели, проверувате цени на авионски билети или читате за некоја дестинација, оставате траги дека планирате патување. Тие информации можат да се искористат за да ви се прикажуваат понуди за одмор.

Понекогаш доволно е и некој дома да пребарувал нешто. На пример, партнерот барал нов фрижидер, потоа сте разговарале за купувањето, а рекламата се појавила кај вас. Според објаснувањето што го пренесува „Еуроњуз Србија“, користењето иста домашна интернет-врска може да придонесе понудата да стигне до повеќе членови на домаќинството. Сепак, само од рекламата не можеме да знаеме зошто ни била прикажана.

Дали телефонот ве прислушува?

Тимот на Чофнес проверувал илјадници апликации и во испитаните услови не пронашол докази дека тајно ги снимаат разговорите. Тоа не е гаранција за секоја апликација, но покажува дека појавувањето „погодена“ реклама само по себе не е доказ за прислушување.

Чофнес објаснува дека дел од совпаѓањата се случајни, а други се резултат на следењето на нашите активности на интернет. Компаниите можат многу да дознаат од она што го правиме на екранот.

Што можете да направите?

Проверете кои апликации имаат пристап до микрофонот, камерата и локацијата. Размислете дали тој пристап им е потребен и исклучете ги непотребните дозволи.


Пред да инсталирате нова апликација, проверете што бара од вас. Советот на Чофнес е едноставен: размислете дали навистина ви треба и дали сакате на уште една компанија да ѝ дадете пристап до вашите податоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс