Бројот на загинати во силниот земјотрес што денеска ги погоди Филипините се искачи на најмалку 32 лица, додека повеќе од 200 се повредени, а над 10 се водат како исчезнати, јавува „Ројтерс“.
Според првичните информации, земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала предизвикал значителна материјална штета, при што се оштетени 37 објекти, главно деловни и продажни простории, од кои дел се целосно уништени.
Властите издадоа предупредување за можен цунами и во Филипините и во Индонезија, каде што се регистрирани бранови со висина до еден метар. Граѓаните во погодените области се повикани на евакуација кон повисоки и побезбедни подрачја.
Епицентарот на земјотресот бил во отворено море, на длабочина од 45 километри, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ). По главниот потрес следувале уште 138 последователни потреси со јачина од 1,3 до 6,7 степени.
Очевидци опишуваат дека потресот бил исклучително силен и долготраен, што дополнително ја зголемило паниката кај населението.