Нова Железара Зеница, основана во 1892 година и некогаш едно од најголемите претпријатија во цела Европа, го запира интегралното производство на челик. Раководството на компанијата соопшти дека отпуштањето на дел од околу 1.900 работници е неминовно, а последиците ќе ги почувствуваат и железниците на Република Српска и Федерацијата БиХ.
Советот на министри на БиХ двапати го одби барањето за заштита на домашното производство
Раководството на Нова Железара Зеница во изминатите шест месеци упатувало барања за заштита на домашното производство на челик, но Советот на министри на БиХ во март двапати го одбил предложениот пропис. Компанијата оцени дека поради „изразената неконкурентност на пазарот повеќе не може да влегува во дополнителни финансиски загуби” и дека „продолжувањето на интегралното производство е неодржливо и неговото гасење стана неминовно”, се наведува во соопштението на Управата, пренесено од РТС.
Гасењето на печката почнува во среда, ќе бидат засегнати и добавувачите
Планското гасење на високата печка е закажано за среда, а погонот на челичарницата ќе биде исклучен во четврток. Медиумите во БиХ посочуваат дека последиците нема да ги почувствуваат само вработените во железарата, туку и железниците на Република Српска и Федерацијата БиХ, како и бројни други добавувачи поврзани со производствениот синџир.
Фабриката нема да биде целосно затворена, се бара нов модел на работење
Од компанијата соопштија дека не планираат целосно затворање на железарата, туку ќе работат на воспоставување нов модел на работење и преориентација на производствената програма. Сепак, отпуштањето на дел од околу 1.900 работници го опишаа како неизбежно, при што ќе се настојува да се зачуваат работните места во согласност со финансиските можности и законските рамки.
Основана за време на австроунгарската управа, стана симбол на југословенската индустрија
Железарата е основана во 1892 година за време на австроунгарската управа и го обележала индустрискиот и урбаниот развој на Зеница. Пред почетокот на Втората светска војна станала најголемо претпријатие во Кралството со над 4.000 работници, а за време на СФРЈ израсла во едно од најголемите претпријатија во цела Европа. Сегашниот сопственик е бизнисменот Гордан Павловиќ Гоци од Фоча, кој претпријатието го купил преку својаta фирма „H&P” од Зворник за 10,7 милиони евра.