Зеленски: Запорожје било погодено со севернокорејски проектили

Во руските напади во Украина загинале најмалку 12 лица. Зеленски тврди дека Запорожје било погодено со севернокорејски балистички проектили, „Циркон“ и наведувани бомби.

Во руските напади во текот на ноќта загинале најмалку 12 лица, а повеќе од 30 се ранети во неколку украински региони.

Во Запорожје загинале шест лица, а 20 биле ранети. Уште шест жртви и 16 повредени се регистрирани во нападите врз регионите Днипропетровск и Доњецк.

Зеленски: Нападот бил брутален и намерно планиран

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Запорожје било нападнато со севернокорејски балистички проектили, проектили „Циркон“ и наведувани воздушни бомби.

„Тоа беше брутален и целно планиран напад со намера да се предизвика најголема можна штета на цивилната инфраструктура“, порача Зеленски.

Тој додаде дека руските потези, како зголемување на производството на проектили, набавка на севернокорејска опрема и подготовки за мобилизација, покажуваат дека Москва, според него, не се подготвува за мир.

„Се подготвуваат за ескалација. Светот мора да реагира веднаш, без одлагање“, рече Зеленски.

Украина извршила напади со дронови врз руска територија

Истовремено, Украина извршила напади со дронови врз руска територија.

Во регионот Воронеж загинало едно лице, а две биле повредени. Според информациите, жртвите настанале откако остатоци од соборени летала предизвикале пожар во логистички склад на компанијата Wildberries.

Од компанијата подоцна информирале дека пожарот е изгаснат и дека стоката не е оштетена. Потврдиле и дека испораките се пренасочени во други складишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс