Германскиот „Франкфуртер алгемајне“ пишува дека посетата на украинскиот претседател може да отвори нова одбранбена соработка меѓу Белград и Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во сабота пристигнува во официјална посета на Србија, а германскиот весник „Франкфуртер алгемајне“ оценува дека посетата би можела да има и поширока политичка и безбедносна димензија.
Според весникот, покрај економските теми, разговорите би можеле да опфатат и соработка во одбранбената индустрија, вклучително и можност за заедничко производство на дронови во Србија. Во проектот, според наводите, би можеле да бидат вклучени и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати.
Во текстот се потсетува и на улогата на поранешниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој вели дека Вашингтон во изминатите години поддржувал набавка на значителни количества српска муниција за Украина.
Хил тврди дека американската страна внимавала Србија да не извезува оружје и кон Русија, додека истовремено ја охрабрувала соработката со Украина. Според него, српската муниција преку европски посредници стигнувала до украинската армија.
Германскиот весник пишува и дека украинскиот советник Олександар Камишин, задолжен за поврзување на украинската одбранбена индустрија со европските партнери, во изминатите години посетувал локации во Србија каде што би можело да се организира заедничко производство на дронови.
Како можна тема на разговорите се споменува и производство на артилериска муниција. Сепак, конкретен договор за ваква соработка засега не е официјално потврден.
Посетата доаѓа во период кога Белград се обидува да одржува односи и со Москва и со Киев, додека Србија и Украина работат и на договор за слободна трговија. Според српските стопански претставници, двете економии имаат интерес од продлабочување на соработката.