Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руската армија во текот на изминатата недела извршила масовни напади врз 16 украински региони, користејќи околу 1.900 дронови, речиси 1.600 наведувани воздушни бомби и 144 ракети од различни типови, вклучително и балистички. Во објава на социјалната мрежа Икс, Зеленски наведе дека денеска биле фрлени бомби врз регионот Суми, додека во Бровари едно лице загинало, а шестмина биле повредени во напад со дрон.
Тој додаде дека Харков и Харковската област и натаму се изложени на постојани напади, а во текот на ноќта руски сили нападнале и цели во Одеската, Запорошката и Днепропетровската област. Според Зеленски, во текот на изминатата недела биле оштетени повеќе од 1.500 објекти, меѓу кои и стотици станбени згради.
Украинскиот претседател истакна дека голем број руски компании продолжуваат да произведуваат компоненти за дронови, ракети и наведувани воздушни бомби, што, според него, овозможува продолжување на нападите врз Украина.