Зеленски: Им го кажавме на САД предлогот за мир

Киев бара засилување на противвоздушната одбрана и притисок врз Москва, додека предупредува на нова руска мобилизација по септемвриските избори.
Фото: X/@ZelenskyyUa

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Киев им ги предал на американските преговарачи предлозите за план за завршување на војната со Русија. Во вечерното видеообраќање, тој посочи дека Вашингтон може да помогне во зајакнувањето на украинската одбрана и да изврши притисок врз Москва за прекин на судирите. Дополнително, Зеленски предупреди дека Русија планира да ги искористи претстојните септемвриски избори како повод за прогласување нова мобилизација.

Во своето обраќање, Зеленски нагласи дека доставените предлози треба да ги променат плановите на Кремљ. Според него, фокусот на меѓународната заедница мора да биде подготовка за крај на војната, а не нејзино продолжување.

Украинските власти не открија детали од содржината на предлозите. Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер последен пат престојуваа во Москва во јануари, но сè уште немаат остварено посета на Киев. Украина во повеќе наврати повика на прекин на огнот по речиси четири и пол години борби.

Од друга страна, руската страна изјавува дека сака да постигне договор, но условува секое решение со целосно откажување на Украина од четирите региони на кои претендира Москва, како и со решавање на причините за конфликтот.

Зеленски истакна дека украинските разузнавачки служби располагаат со докази за подготвување нова мобилизација во Русија. Според него, Москва ќе ги искористи септемвриските избори како формален изговор за регрутирање дополнителни воени сили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс