„Зелена народна стража“ алармира: Пак се отвораат вратите за хидроцентрали на Дошница

Од „Зелена народна стража“ најавуваат дека доколку продолжат активностите за изградба на хидроцентралите, повторно ќе организираат блокади и протести

Владата донела одлука за продолжување на рокот за изградба на контроверзните мали хидроцентрали на реката Дошница на планината Кожуф, алармираат активистите од „Зелена народна стража“.

Тие обвинуваат дека со тоа повторно се отвора можност за реализација на проект на кој локалното население и еколошките здруженија силно му се спротивставуваат.

„Додека многу држави ги отстрануваат малите хидроцентрали поради штетните последици врз природата, кај нас повторно се прават обиди да се уништи реката Дошница. По 70 дена блокади и јасен став дека никој тука не сака мали хидроцентрали, некој повторно се обидува да ја погази волјата на народот“, велат од Иницијативата.

Оттаму уште еднаш прашуваат зошто Кожуф сè уште нема статус на национален парк, оценувајќи дека природното богатство не смее да биде жртвувано за, како што велат, интересите на поединци.

Од „Зелена народна стража“ најавуваат дека доколку продолжат активностите за изградба на хидроцентралите, повторно ќе организираат блокади и протести, со порака дека нема да дозволат изградба на мали хидроцентрали на Дошница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс