Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека официјално е завршена спасувачката операција на планината Елбрус, при што телата на тројцата загинати планинари од Босна и Херцеговина и на еден планинар од Краснодарската област се евакуирани и предадени на надлежните истражни органи.
Операцијата завршила во 16:30 часот, а телата биле спуштени до висорамнината Азау, каде што ги презел оперативно-истражен тим.
Во потрагата учествувале 11 припадници на Одредот за пребарување и спасување на голема надморска височина на руското Министерство за вонредни ситуации, како и спасувачи од организацијата „КАВКАЗ.РФ“.
По завршувањето на акцијата, руските власти повторно предупредија дека движењето во планинските предели носи сериозни ризици и апелираа туристите и планинарите навреме да ги пријавуваат своите маршрути, внимателно да ги планираат и да ги проценат сите можни опасности.
Од Министерството препорачуваат пред секоја тура да се следи временската прогноза, да се користи соодветна планинарска опрема и сигурносни јажиња на опасните делови од маршрутите. Исто така, советуваат планинарите да имаат осигурување што ги покрива ризиците, како и сателитски телефон или GPS-уред и однапред подготвен план за постапување во случај на несреќа.
Руското Министерство за вонредни ситуации ги повика сите посетители на планинските подрачја да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат безбедносните препораки при движење по планинските патеки.