Заврна снег на Попова Шапка!

Необичниот студен бран донесе снег на највисоките делови од Шар Планина, додека низ Македонија температурите паднаа далеку под просекот за крајот на јули.

Иако календарски е средината на летото, денеска на повисоките делови на Шар Планина, над Попова Шапка, падна снег. Фотографија од снежните врнежи објави метеорологот Славчо Попоски, кој посочи дека се оствариле неговите најави за значително заладување.

„Верувале или не, денес, 24 јули, на Шар Планина, над Попова Шапка, паѓа снег“, напиша Попоски на социјалните мрежи, додавајќи дека неговите прогнози целосно се исполниле.

Според прогнозата што ја објави претходно, Македонија денеска е под влијание на влажна и значително постудена воздушна маса од север, која донесе повремени врнежи од дожд, невообичаено свежо време и локална нестабилност.

Во одделни делови од земјата се очекуваат пообилни врнежи, пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер. Локално може да наврнат повеќе од 10 до 15 литри дожд на квадратен метар. Северниот ветер ќе биде умерен до засилен, а во Повардарието на моменти ќе достигнува брзина од 50 до над 60 километри на час.

Необичното заладување доаѓа по долгиот период на екстремно високи температури и претставува редок метеоролошки феномен за третата декада на јули, особено поради снежните врнежи на највисоките планински предели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс