Западнонилска треска се шири низ Грција

Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција за оваа летна сезона беше потврден на почетокот на месецов

Зголемен е бројот на случаи на вирусот Западен Ни во Грција, откако во земјата се регистрирани вкупно 21 заразено лице, а дури 14 од нив се потврдени во текот на изминатата седмица.

Грчките здравствени власти го кренаа алармот, додека Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) излезе со информации дека оваа болест е забележана во вкупно четири европски држави.

Според најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), кај речиси сите заразени се развиле сериозни компликации кои го зафаќаат централниот нервен систем.

Од вкупно 21 случај, кај 20 пациенти биле дијагностицирани енцефалитис, менингитис или акутна блага парализа, додека само едно лице имало полесна клиничка слика без посериозни невролошки симптоми.

Поради сериозноста на состојбата, 13 пациенти се хоспитализирани и се под лекарски надзор.

Најголемиот број заразени се регистрирани во регионот Атика, односно во поширокото подрачје на Атина, каде се евидентирани 19 случаи. Останатите два случаи се потврдени во областа Тесалија.

Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција за оваа летна сезона беше потврден на почетокот на месецов, а бројот на заболени продолжува да расте.

Грчките здравствени власти потсетуваат дека вирусот се пренесува преку каснување од заразени комарци и дека неговата појава е вообичаена во летниот период. Најтешката година за Грција беше 2018 година, кога беа регистрирани 317 заболени лица и дури 51 смртен случај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс