Во земјава е регистриран трет смртен случај од западнонилска треска, информираа здравствените власти. Викендов починал 61-годишен пациент со сериозни придружни заболувања, кој бил од едно од засегнатите подрачја.
Лабораториски досега се потврдени 35 случаи со вирусот, а уште тројца суспектни пациенти се во процес на дијагностицирање.
На Инфективната клиника се лекуваат 16 пациенти
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти со западнонилска треска.
Директорот на клиниката, Фадил Цана, информира дека шестмина од нив се во критична состојба и се лекуваат на Одделот за интензивна нега.
„Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60 години, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен. Тој е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција“, соопшти Цана.
Возрасната граница се поместува
Според Цана, кај околу еден процент од заболените може да се развие невроинвазивна форма на болеста.
За разлика од асимптоматските случаи, пациентите со оваа форма може да имаат висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, дезориентираност, конфузија и други сериозни симптоми.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека за моменталната состојба се известени сите инфективни одделенија, матичните лекари и сите служби што може да дојдат во контакт со евентуално заболени пациенти.
Се мапира каде најверојатно се заразиле пациентите
Клековски посочи дека при мапирањето треба да се прави разлика меѓу местото на живеење и местото каде што најверојатно дошло до заразување.
„Инкубацијата на вирусот е 3 до 14 дена и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата и каде се движеле“, рече министерот.
Тој додаде дека дел од пациентите имаат урбани адреси, но престојувале и во викендички или други места, па мерките се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување.
Како една од клучните мерки, Клековски ја посочи личната заштита од убоди од комарци и отстранувањето на застоена вода.
Фокусот ќе биде на таргетирано прскање од земја
Во меѓувреме, Државниот здравствен и санитарен инспекторат направил вонредна проверка на спроведувањето на елаборатите за прскање во сите општини во скопскиот регион, а резултатите треба наскоро да бидат соопштени.
Клековски најави дека фокусот сега ќе биде ставен на таргетирано прскање од земја.
„Сметаме дека поефективно е таргетирано прскање, отколку со аеро. Аеропрскањата ќе се прават согласно плановите“, рече министерот.
Август и септември се врв на вакви епидемии
Министерот информираше дека се работи и на геолоцирање на пациентите и на стоечките води.
Тој посочи дека Град Скопје преку „Гугл мапс“ лоцирал повеќе водени површини во засегнатите места, кои се користат за рекреативни цели.
„Тука ќе треба и зголемена дисциплина од сите нас за да се намалат колку е можно водените површини. Јас знам дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да апелираме на максимална претпазливост“, рече Клековски.
Според епидемиолошките очекувања, август и септември историски се врв на ваквите епидемии.
Центарот за јавно здравје, според министерот, веќе се подготвува за зголемено прскање од земја во засегнатите подрачја.
Да се пријавуваат мртви птици во АХВ
Освен комарците, можен преносител на вирусот се и дивите птици.
Клековски ги повика граѓаните кои ќе забележат мртва птица да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ досега добила една пријава за мртва птица во Гостивар, но таму не бил идентификуван вирусот на Западен Нил.
Министерот најави и контроли на живината во загрозените подрачја, особено на слободната живина во близина на канали за наводнување.