Седуммесечно палестинско бебе загина, а неговите родители се ранети при пукање од израелските сили во областа Тел Румејда, јужно од Хеброн, на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува „Ројтерс“.
Министерството објави дека загинал седуммесечниот Сам Фахд Абу Хаикал. Неговите родители биле погодени и пренесени во болница, а нивната состојба е опишана како средно тешка.
Според изјава на бабата на детето, семејството се движело со автомобил во близина на контролна точка позната како Checkpoint 17, кога забележале израелски воени возила и војници.
Таа раскажала дека го запреле автомобилот, по што слушнале истрели за кои најпрво мислеле дека се предупредувачки.
Израелската војска соопшти дека војниците, за време на операција во областа Хеброн, забележале возило кое, според нивната проценка, забрзувало кон нив. Според соопштението, еден војник испукал неколку куршуми кон возилото.
Во изјавата на израелската армија се потврдува дека во инцидентот биле ранети три палестински лица кои биле пренесени на лекување.
Од израелската војска наведуваат дека прелиминарната истрага покажала оти ранетите биле „цивили кои не биле вклучени во инцидентот“ и дека случајот е под истрага.
Тел Румејда е едно од најнапнатите подрачја во Хеброн. Таму израелски доселеници живеат меѓу палестинското население, под силна заштита на израелската војска, а областа со години е место на чести тензии и инциденти.
Според податоци на Европската Унија од 2024 година, на Западниот Брег и во Источен Ерусалим живеат повеќе од 700.000 израелски доселеници, меѓу повеќе од три милиони Палестинци.