По долгогодишни подготовки, денеска стапува во сила една од најзначајните реформи на азилниот систем во Европска Унија. Новиот Заеднички европски систем за азил (ЦЕАС) има цел да воведе построги правила, побрзи процедури и поголема контрола на надворешните граници на Унијата.
Еврокомесарот за миграција Магнус Брунер најавува поголема контрола на надворешните граници, додека германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт смета дека станува збор за вистински пресврт во европската миграциска политика.
„Промена на курсот има и во Германија и на европско ниво. Решени сме да продолжиме по тој пат заедно со нашите соседни и партнерски земји“, изјави Добринт на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ.
Гранични процедури како филтер
Со новите правила се воведува прелиминарна проверка на барателите на азил уште на надворешните граници на ЕУ. Дополнително, ќе се применуваат забрзани постапки за лица кои доаѓаат од земји со ниска стапка на одобрување на барањата за азил. Тоа значи дека барателите на азил од држави како Пакистан, Иран, Русија, Турција, Венецуела, Нигерија и Демократска Република Конго ќе бидат опфатени со брзи гранични процедури и ќе престојуваат во контролирани прифатни центри додека се обработуваат нивните барања.
Според податоците на Евростат, стапката на одобрување на азил за граѓаните на овие земји е под 20 проценти. Доколку барањето биде одбиено, лицата треба да бидат депортирани во рок од најмногу 12 недели.
Експертите се скептични
Австрискиот експерт за миграции Гералд Кнаус, основач на тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност, се сомнева дека новите мерки ќе ги дадат очекуваните резултати.
„И претходно постоеше можност за вакви гранични процедури. Сега тие стануваат задолжителни, но останува прашањето што ќе се случи со луѓето по негативната одлука и дали навистина ќе може да се спроведат депортациите“, оценува Кнаус.
Според него, и понатаму ќе биде тешко да се враќаат одбиените баратели на азил во нивните матични земји, а многумина би можеле да продолжат да се движат кон други држави од ЕУ.
Најголемите групи азиланти не се опфатени
Најголемиот број баратели на азил во 2025 година доаѓале од Авганистан и Сирија. Бидејќи стапката на признавање азил за овие државјани е над 20 проценти, тие нема да бидат опфатени со забрзаните гранични процедури, туку ќе поминуваат низ редовна постапка за азил. Кнаус смета дека токму затоа нема да има драматични промени во миграциските текови кон земји како Германија и Австрија, кои традиционално примаат голем број лица со одобрен азил.
Солидарност меѓу земјите членки
Новиот систем предвидува и механизам на „задолжителна солидарност“, според кој другите членки на ЕУ треба да помогнат во обработката на азилните барања на државите кои се на првата линија на миграциските рути, како што се Италија, Грција и Шпанија.
Сепак, останува нејасно како ќе функционира ова во пракса, особено бидејќи Полска и Унгарија и натаму се противат на распределбата на мигрантите.
Дали граничните контроли даваат резултат?
Добринт тврди дека граничните контроли што ги воведе Германија, заедно со уште девет земји од ЕУ, придонеле за намалување на бројот на барања за азил. Но, Кнаус има поинакво објаснување. Според него, најголемото влијание го имала промената на политичката ситуација во Сирија по падот на режимот на Башар ал Асад кон крајот на 2024 година.
„Кога веќе не доаѓаат толку многу Сиријци во Европа, природно се намалува и бројот на барања за азил. Тоа нема директна врска со новите мерки или со граничните контроли“, вели тој.
Подготовките сѐ уште не се целосно завршени
Во извештај на Европска комисија се наведува дека земји како Германија, Грција и Италија сѐ уште не ги исполнуваат целосно сите барања од новиот систем.
Еврокомесарот Магнус Брунер признава дека реформата нема веднаш да функционира совршено.
„Ова е почеток, а не крај. Не може сѐ да биде совршено уште од првиот ден“, порача тој.
Центри за враќање и можни депортации во трети земји
Како дел од реформата, Германија планира да отвори специјализирани „центри за враќање“ за лица кои треба да бидат префрлени во други земји членки на ЕУ. Засега постојат само два такви центри – во Хамбург и Ајзенхитенштат.
Во иднина, ЕУ разгледува и можност за депортирање на одбиени баратели на азил во трети земји надвор од Унијата. Добринт најави дека до крајот на годината треба да бидат идентификувани потенцијални партнерски држави кои би биле подготвени да ги прифаќаат овие лица.
Сепак, кога и дали ваквиот модел ќе стане реалност, засега останува отворено прашање.