Екстремните глобални горештини во текот на 2023 и 2024 година доведоа до историски пад на нивото на површинската слатка вода во реките, езерата и акумулациите низ целиот свет. Анализата на глобалните водни системи спроведена од Кинеската академија на науките покажува дека протокот на светските реки се намалил за 5,7 отсто под просекот, додека залихите на вода во езерата и акумулациите паднале за 9,5 отсто, што е најголем истовремен пад од 1991 година.
Загревањето на планетата го нарушува природното кружење на водата и ги заострува крајностите меѓу сушите и поплавите. Потоплата атмосфера засилено извлекува влага од почвата, реките и езерата, додека загреаното копно дополнително го забрзува испарувањето. Насобраната влага потоа се спушта во форма на обилни врнежи на други локации, најчесто над океаните, оставајќи ги копнените региони со сериозен недостиг.
Истражувачите до овие наоди дошле преку анализа на периодот од 1991 до 2025 година, комбинирајќи мерења на протокот од 150 најголеми светски речни сливови со сателитски податоци за повеќе од 1,2 милиони езера и акумулации. Една од авторките на студијата, д-р Сулагна Мишра, појаснува дека поголемите вкупни врнежи не значат и повеќе достапна вода на копното.
„Потоплата атмосфера не значи автоматски дека на копното е достапна повеќе вода. Иако вкупните глобални врнежи во овој период се зголемија, голем дел од тој дополнителен дожд падна над океаните, додека многу копнени региони забележаа значителен недостиг“, изјави Мишра.
Последиците од овој климатски парадокс најсилно се почувствуваа во Јужна Америка, каде протокот на реките се намали за 17,8 отсто, а нивото на водата во езерата и акумулациите опадна за 16,5 отсто. Овие бројки се регистрирани и покрај тоа што одделни делови од континентот беа погодени од екстремни врнежи и поплави.
Вонредната професорка по хидрологија на Универзитетот Источна Англија, д-р Ји Хе, го објаснува механизмот зад оваа појава.
„Делови од Јужна Америка претрпеа тешки поплави во текот на 2023 и 2024 година, но реките на континентот во тие две години носеа осетно помалку вода од вообичаено. Реката може да поплави за време на еден силен пороен дожд, но нејзиниот водостој и покрај тоа може да остане низок во поголемиот дел од годината“, рече Хе.
Покрај порастот на температурите, состојбата со водните ресурси дополнително ја влошуваат силниот феномен Ел Нињо, загадувањето и прекумерното црпење на водите. Претседателот на одборот за политики при Британското еколошко друштво, Кристијан Дан, оценува дека брзината со која се губат ресурсите предизвикува сериозна загриженост дури и во регионите што важат за влажни.
„Овие наоди ја покажуваат алармантната брзина со која нашите ресурси на слатка вода можат да се намалат, дури и во делови од светот кои инаку ги сметаме за влажни. Како што потврдува студијата, тоа што доживуваме поплави не значи дека имаме сигурно снабдување со вода“, посочи Дан.
Климатологот од Универзитетот во Рединг, Ричард Алан, додава дека овие податоци се потврда оти острите премини меѓу влажни и сушни екстреми веќе ги зафаќаат водните системи на целата планета.
„Овие нагли климатски пресврти и нивното влијание врз луѓето ќе продолжат да се влошуваат сè додека не ја стабилизираме климата со намалување на емисиите на стакленички гасови“, заклучи Алан.
