Пожар во зграда во Охрид, осуммина хоспитализирани, сопственикот на станот во притвор

Едно лице е на интензивна нега, а седум на интерното одделение во охридската болница по интервенцијата на улицата „Гоце Делчев“ во населбата Даљан.

Осум повозрасни лица завршија во Општата болница во Охрид со повреди и потешкотии при дишењето по пожарот што избувна во стан на улицата „Гоце Делчев“ во населбата Даљан. Полицијата го лиши од слобода 55-годишниот сопственик на станот, осомничен за предизвикување на пожарот. Поради исклучената електрична енергија и безбедносниот увид, станарите ноќта ја минуваат кај свои блиски, додека болницата го удвои медицинскиот персонал.

Во пожарот што избувна во станбена зграда на улицата „Гоце Делчев“ во Охрид, припадниците на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид, полициските службеници и медицинските тимови евакуираа повеќе жители од објектот. Од охридската противпожарна бригада соопштија дека презеле навремени техничко-тактички мерки за гаснење на огнот и извлекување на станарите, со што била спречена поголема штета по животите и имотот на соседите.

Поради штетите и исклучената електрична енергија во објектот, станарите од зградата нема да можат да се вратат во своите домови во текот на вечерта и ќе бидат сместени кај блиски. Увидот на местото на настанот од страна на надлежните служби е закажан за утре, додека Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид координира дополнителни мерки за поддршка на жителите.

Со возила на Итната медицинска помош, во Општата болница во Охрид беа пренесени осум лица со повреди и респираторни тешкотии предизвикани од вдишување чад. Директорот на болницата, Горан Маркоски, потврди дека сите хоспитализирани се повозрасни лица и дека во моментов ниту едно од нив не е во животозагрозувачка состојба.

„Во моментов има осум хоспитализирани, од кои седум на Интерно одделение и еден на Интензивна нега. Сите се повозрасни луѓе кои во моментов не се во животозагрозувачка состојба. Персоналот е удвоен, се надевам дека нема да има влошување на состојбата. Известени се и на Клиника“, изјави Маркоски.

Полициски службеници од Полициската станица Охрид го лишија од слобода 55-годишниот охриѓанец со иницијали Ц.Н., под сомнение дека го предизвикал пожарот во сопствениот стан. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, информираше дека по целосното документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“.


Паралелно со полициската постапка, дел од станарите од зградата се обратија до медиумите со барање за итна институционална заштита. Тие тврдат дека истото лице и претходно предизвикувало пожари во станот и дека во повеќе наврати пријавувале кај надлежните институции, но дека не биле преземени мерки за спречување на нови инциденти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс