Социјалната мрежа Икс ги претстави првите алатки за родителски надзор наменети за корисници на возраст од 13 до 17 години. Со новите опции родителите и старателите добиваат можност да постават дневни временски ограничувања, да одобруваат нови следбеници и да го регулираат приказот на содржини. Истовремено, платформата задржува дел од приватноста на младите корисници, при што надзорот се активира исклучиво со согласност од двете страни.
Преку новите поставки за надзор, родителите можат да следат колку време нивните тинејџери поминале на платформата Икс во последните седум дена и да дефинираат дневен лимит на користење. Алатките вклучуваат и опција за одобрување нови следбеници, со што профилот на малолетниот корисник автоматски се префрла во приватен режим.
Дополнително, возрасните имаат можност да ги ограничат препорачаните објави и видеозаписи на картичката „За вас“ (For You) исклучиво на профили што тинејџерот веќе ги следи. Системот дозволува и филтрирање одредени зборови, ограничување на приказот на чувствителни содржини, како и определување кој може да им испраќа директни пораки на младите корисници.
Иако контролите овозможуваат увид во тоа со кои профили тинејџерите комуницирале, родителите немаат пристап до содржината на нивните приватни пораки. Од компанијата појаснија дека на возрасните им е оневозможен и прегледот на историјата на пребарување или претходно прегледаните содржини.
„На родителите им се потребни практични алатки, а на тинејџерите простор за растење. Со родителските контроли на Икс семејствата можат да постават граници што им одговараат. Тинејџерите притоа го задржуваат сопствеништвото над своите профили и ја гледаат секоја промена“, изјави Мајкл О’Херлихи, директор за безбедност во компанијата Икс.
На родителите им е технички оневозможено да објавуваат содржини во име на своите деца или директно да се најавуваат на нивните профили. Секоја промена што родителот ќе ја направи преку поставките за контрола е веднаш видлива и за тинејџерот, со цел да се зачува транспарентноста во управувањето со профилот.
За да се активира родителскиот надзор, потребна е согласност и од родителот и од тинејџерот. Еден родител или старател може истовремено да надгледува најмногу пет тинејџерски профили, додека профилот на еден тинејџер може да биде поврзан само со едно возрасно лице. Надзорот автоматски се прекинува во моментот кога тинејџерот ќе наполни 18 години.
