Законот казнува вратена километража, но граѓаните не знаат кому да пријават

Европско истражување открива дека 76 отсто од возачите се беспомошни пред измамите, а над 87 проценти не веруваат дека ќе ги вратат парите.

Повеќе од три четвртини од европските купувачи на половни возила воопшто не знаат каде да пријават лажирана километража. Податоците од новото истражување на платформата carVertical покажуваат длабок јаз меѓу законите што предвидуваат затворски казни за измама и реалната немоќ на потрошувачите на терен. Дури 87,3 отсто од испитаниците немаат никаква надеж дека правниот систем ќе им овозможи да го надоместат финансискиот губиток.

Трговијата со половни автомобили на европскиот континент продолжува да функционира врз правна несигурност и ризик за џебот на граѓаните. Во анкетата спроведена меѓу речиси 8.000 возачи од 18 држави, точно 30,3 отсто одговориле дека лично купиле возило со вратена километража или имаат близок познаник со таква штета. Уште 31,8 отсто не се сигурни во веродостојноста на бројките на таблата, додека само 38 проценти сметаат дека никогаш не се сретнале со ваква манипулација.

Кога километражата се манипулира, последиците по џебот на купувачот се директни. Извештајот за транспарентност на carVertical бележи дека од контролните табли на спорните возила во просек се бришат околу 73.000 километри, со што вештачки се крева пазарната вредност на истрошени возила.

Клучниот системски проблем лежи во отсуството на единствен дигитален регистар на европско ниво. Податоците за сервисирањето и техничката исправност завршуваат на граничните премини, па секое возило што ќе премине од една држава во друга практично ја брише сопствената сообраќајна историја.

„Законот ве штити само ако знаете дека постои, а повеќето купувачи едноставно не знаат кому да му се обратат кога ќе откријат измама“, посочи Матас Бузелис, експерт за автомобилски пазари во carVertical. Решението се чека од Брисел преку пакетот мерки на Европската Унија за техничка исправност, кој треба да воведе задолжителна прекугранична размена на податоци меѓу институциите.

Иако во регионалните и европските кривични законици намерното прикривање на километрите се квалификува како кривично дело измама, казнено со затвор од шест месеци до пет години и високи парични глоби, информираноста на граѓаните е поразителна. Дури 45,1 отсто од испитаниците признаваат дека не ја знаат висината на законската казна, додека дополнителни 7,1 отсто погрешно веруваат дека враќањето километри воопшто не е незаконско.


Оваа системска дупка има сериозни рефлексии и врз македонскиот пазар, каде што увозот на користени возила од европските земји е главен извор за обновување на домашниот возен парк. Без прецизна институционална проверка на увозот и без јасни механизми за правна заштита преку Организацијата на потрошувачи и пазарните инспекторати, граѓаните остануваат препуштени сами на себе да плаќаат илјадници евра за скапи дефекти и компромитирана безбедност на патиштата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс