Фотографии и чај од истите растенија на „Чајанка“ во Шума

Изложбата на Емилија Сандиќ се отвора на 4 ноември во рамките на активностите на фестивалот „Зрно“, а посетителите ќе можат да вкусат чај од растенијата прикажани на фотографиите.

Фотографската изложба „Чајанка“ на младата визуелна уметница Емилија Сандиќ ќе биде отворена во среда, 4 ноември, во 19 часот, во Концепт кафе Шума. Настанот е дел од активностите на фестивалот „Зрно“, посветен на алтернативните фотографски процеси.

Серијата настанала преку истражување на техниката mordançage, постапка во која фотографската емулзија под дејство на хемикалии се менува, се подигнува од хартијата и создава нови форми и текстури. Преку овие преобразби, Сандиќ го истражува односот меѓу контролата и случајноста во создавањето на фотографијата.

Мотивите се растенија од кои се подготвува чај. Нивната трансформација при допирот со врела вода, кога ослободуваат боја и мирис, е појдовна точка за поврзување на фотографскиот процес со ритуалот на подготвување чај.

На отворањето ќе се служи чај од растенијата застапени на фотографиите. Така, посетителите ќе можат да ја доживеат поставката и преку вкусот и мирисот на нејзините мотиви.

Емилија Сандиќ е родена во Белград во 2003 година. Дипломирала фотографија на Академијата на уметностите во Нови Сад, каде што ги продолжува мастер-студиите. Работи претежно со црно-бела аналогна фотографија и експериментални техники, истражувајќи ја материјалноста на фотографијата и значењето што го создава самиот процес.


Учествува во организацијата на фестивалот „Зрно“, а досега излагала на повеќе од 20 групни изложби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс