Од наставната програма „Здравје и заштита на здравјето“ се отстранети поимите „род“, „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“, предупредува Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ. Во реакцијата до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, Институтот бара тие да бидат вратени и јасно објаснети пред почетокот на примената на програмата.
Станува збор за слободен изборен предмет за учениците од прва до четврта година во гимназиското образование. Според Институтот, програмата, донесена на 7 октомври, произлегува од ревизијата на „Сеопфатно сексуално образование“, повлечено во септември по реакции во јавноста.
Институтот го поздравува вклучувањето содржини за рамноправност, здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство. Позитивно ги оценува и предвидените методи на работа, безбедната средина за учење и поттикнувањето на учениците критички да ги преиспитуваат стереотипите.
Главната забелешка се однесува на систематското избегнување на родовата терминологија. Како што наведуваат од Институтот, учениците треба да ја објаснуваат разликата меѓу биолошките карактеристики на полот и општествените очекувања за однесувањето и улогите на луѓето, а поимот со кој науката ја именува таа разлика е изоставен.
„Без неа, учениците добиваат список на појави (стереотипи, предрасуди, нееднаков третман, насилство во врските, злоупотреба на моќ) без концептот што ги поврзува и објаснува“, се наведува во реакцијата.
Од Институтот објаснуваат дека родот ги опфаќа општествените и културните улоги, норми и очекувања што им се припишуваат на луѓето врз основа на нивниот пол. Неговото изоставување, според нив, ќе им ја отежне работата и на наставниците, бидејќи стручната литература што ја користат ги содржи токму овие термини.
Во реакцијата се посочува и дека родовата терминологија веќе се користи во домашните закони за заштита од дискриминација и насилство, како и во Истанбулската конвенција. Институтот предупредува дека со промената се создава недоследност меѓу наставната програма и поимите што учениците ќе ги среќаваат во институциите и прописите за нивната заштита.
„Образовната програма не смее да го следи ритамот на јавната полемика, туку состојбата на научното знаење и правните обврски на државата“, порачуваат од Институтот.
Покрај враќањето на поимите, Институтот бара консултации со академската заедница и стручните институции. Нуди учество во подготовката на дефиниции и прирачник за наставници, во обуките за наставниот кадар и во оценувањето на првата година од примената на предметот.
