Бесплатни јапонски филмови, оригами и чај во Скопје и Битола

Неделата на јапонски филм почнува на 4 ноември во Кинотеката, а програмата по повод Денот на културата на Јапонија вклучува и работилници за оригами и јапонски чај.

Шест јапонски филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката во Скопје во рамките на 19-тото издание на Неделата на јапонски филм, кое почнува на 4 ноември. Програмата продолжува со проекции и работилница за оригами во Битола, како и со предавање и работилница за јапонски чај во Скопје. Учеството на сите настани е бесплатно.

Манифестацијата ќе ја отвори јапонскиот амбасадор Кавахара на 4 ноември во 19 часот во Кинотеката, со проекција на „Step“.

Скопската филмска програма продолжува со „Masked Ward“ на 5 ноември, „Almost a Miracle“ на 6 ноември и „Children of the Sea“ на 7 ноември. На 9 ноември ќе биде прикажан „A Banana? At This Time of Night?“, а на 10 ноември „Iwane: Sword of Serenity“. Сите проекции почнуваат во 19 часот.

На 11 ноември програмата се сели во Центарот за култура во Битола. Во 15 часот ќе биде прикажан „Children of the Sea“, а во 20 часот „Step“. Меѓу двете проекции, во 18 часот, ќе се одржи работилница за оригами под водство на Јошио Којама, предавач по јапонски јазик. За работилницата е потребна претходна резервација.

Одбележувањето продолжува на 13 ноември на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 10 до 12 часот, специјалистката за јапонски чај Курита Јунко ќе води предавање и работилница за сенча, во организација на Јапонската фондација од Будимпешта.

Настаните се организираат по повод Денот на културата на Јапонија, кој се одбележува на 3 ноември. Празникот е посветен на слободата и мирот и на промоцијата на културата, уметноста и науката.


Организатори на филмската програма и одбележувањето се Амбасадата на Јапонија, Кинотеката и Центарот за култура во Битола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс