„Ова сме ние“ отвора разговор за квир родителството во Лабораториум

На 7 ноември, со Бистра Кумбароска и домашни и меѓународни гости, ќе се разговара за различните искуства на семејниот живот и ќе биде најавена книгата „A Queer Big Thing Called Family“.

Како изгледаат секојдневието, грижата и семејниот живот на квир родителите? На оваа тема е посветена интерактивната дискусија „Ова сме ние“, која ќе се одржи на 7 ноември, во 15 часот, во киносалата на Лабораториум, во рамките на квир-програмата на ППЖ14.

Во разговорот со Бистра Кумбароска и гости од земјава и странство ќе се споделуваат лични искуства на квир родителството во различни култури и средини. Фокусот ќе биде врз разновидноста на семејствата и начинот на кој тие ги градат своите односи низ различни општествени околности.

Повод е и најавата на новата книга на Кумбароска, „A Queer Big Thing Called Family“, која наскоро ќе излезе во издание на PrivatePrint. Книгата обединува поезија, други текстови, фотографии и визуелни материјали од авторката и поканети гости-автори, низ кои се отвораат различни искуства на квир родителството.

Изданието е дел од едицијата на концепти во зародиш на PrivatePrint, посветена на уметнички книжни проекти што обработуваат општествено значајни теми од перспектива на засегнатите заедници.


Разговорот ќе се одвива на македонски и англиски јазик. Влезот е слободен, со претходно пријавување преку онлајн-формуларот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс