Центрот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ побара од Министерството за животна средина и просторно планирање итно да го објави Нацрт-законот за заштита на почвите на ЕНЕР. Со последните измени на Законот за животна средина, одредбите за управување со контаминираните подрачја беа целосно избришани. Ова создаде опасна правна празнина која директно го оневозможува системскиот надзор врз најмалку 13 еколошки жешки точки со историско загадување во земјата.
Поради создавањето на правна празнина во управувањето со контаминираните подрачја во земјата, Еко-свест упатува барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за забрзување на постапката за донесување на Законот за заштита на почвите.
Со последните измени и дополнувања на Законот за животна средина, одредбите за управување со контаминираните подрачја беа избришани, со што овие локации се оставени во недостаток на законски основ и соодветен режим за управување, предупредуваат од Еко-свест. Според нив, доцнењето со финализирањето на Законот за заштита на почвите дополнително го продлабочува овој проблем и оневозможува навремено спроведување на системска заштита.
„Навременото објавување на нацрт-текстот е од суштинско значење за обезбедување транспарентен, отворен и инклузивен процес. Преку отворање на јавна консултација, стручната и пошироката јавност, граѓанските организации, и сите засегнати субјекти ќе добијат можност навреме да се запознаат со предложените решенија, да дадат конкретен придонес и да помогнат во идентификувањето на потенцијалните предизвици при неговата примена.“- изјави Марко Гучески, еколошки правник во Еко-свест.
Нацрт- Законот за заштита на почвите е изработен од страна на надворешни експерти и доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање. Следниот чекор е негово објавување и донесување.
Затоа, Еко-свест во текот на вчерашниот ден достави барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за итно преземање на следните активности:
- Забрзување на постапката: Итно објавување на нацрт-законот за заштита на почвите на ЕНЕР,
- Навремена јавна консултација: Започнување на консултативниот процес во најкус можен рок, со обезбедување соодветен временски период за доставување коментари, мислења и предлози.
- Инклузивност и информирање: Активно информирање и вклучување на сите релевантни засегнати страни, вклучително и преку организирање јавна расправа или консултативни средби.
„Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува нашата земја со еколошките жешки точки, односно контаминираните подрачја и историското загадување на најмалку 13 локации во Македнија, донесувањето на Законот за заштита на почвите треба да се смета за приоритет“ велат од Еко-свест.
