Државата Њујорк најави измена на законот за силување откако случајот на студентка од универзитетот Корнел ја извади на виделина долгогодишната законска празнина. Гувернерката Кети Хочул соопшти дека државната обвинителка Летиција Џејмс целосно ја презема истрагата за сексуалниот напад од 2024 година, откако локалното обвинителство одби да покрене постапка поради тоа што жртвата доброволно консумирала алкохол и дрога пред нападот.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, објави дека ја овластила државната обвинителка Летиција Џејмс да раководи со истрагата за наводното групно силување на универзитетот Корнел. Случајот се однесува на настан од 2024 година во простории на студентско братство. Хочул наведе дека ја донела одлуката откако изгубила доверба во локалниот окружен обвинител Метју Ван Хаутен, кој претходно го затвори случајот без обвинение, без воопшто лично да ја сослуша жртвата. Случајот доби национално внимание откако жртвата, заведена во списите како Џејн До, поднесе граѓанска тужба против универзитетот.
Клучниот правен проблем во овој случај произлегува од одредбата во њујоршкиот кривичен закон според која обвинителите тешко докажуваат неможност за давање согласност доколку жртвата сама внела алкохол или супстанции.
„Ако некое лице е до толку под дејство на алкохол или дрога што не може да даде согласност, потполно е неважно дали тие супстанции ги зело своеволно. Доброволното пиење не е покана за групно силување“, изјави Хочул.
Предлог-законот за затворање на оваа дупка, кој го иницираше пратеникот Џефри Диновиц, чека гласање од 2019 година. Околу половина од американските сојузни држави веќе имаат дефинирано дека доброволната опиеност не го исклучува силувањето. Гувернерката најави дека измените ќе влезат во парламентарна процедура најдоцна во јануари.
Поранешниот надлежен обвинител Ван Хаутен се бранеше со тврдење дека од универзитетот не добил комплетни докази за покренување кривична постапка. Од друга страна, раководството на Корнел соопшти дека на обвинителството уште на почетокот му биле предадени сите материјали од внатрешната истрага. Меѓу тие докази се наоѓаат и групни пораки од платформата Снепчет во кои членовите на братството координирале сексуален однос со жртвата додека таа била во беспомошна состојба.