Предлог-законот за заштита од пушење, кој првично требаше да почне да се применува од 1 март, сè уште е во владина процедура и не е доставен до Собранието.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека законот ги поминал сите потребни филтри и добил позитивни мислења, но дека треба да завршат последните административни процедури во Владата.
„Предлог-законот ги помина буквално сите филтри и од законодавство и доби позитивни мислења од сите учесници. На 30 мај го имаме последниот состанок заедно со сите учесници и од наредната недела веќе завршуваат тие административни процедури во Владата за да може истиот да биде дел од материјалите во Собранието“, изјави Алиу на прес-конференција по повод Светскиот ден без тутун.
Законот беше одложен по реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. Алиу и претходно неколкупати најавуваше дека документот ќе биде ставен на владина седница.
Според министерот, примената на законот ќе почне веднаш по неговото изгласување во Собранието.
„Имаме само две одредби таму каде што имаме одложување, за инфраструктурата на терасите за да може да се прилагодат кон барањата на законот. Другото ќе биде од истиот ден кога законот ќе биде изгласан, од истиот ден законот ќе биде во сила“, рече Алиу.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, посочи дека податоците од истражувањето од 2023 година, изработено со Светската здравствена организација и Министерството за здравство, покажуваат дека 45,4 проценти од возрасната популација во Македонија се активни пушачи.
Таа нагласи дека овој процент е значително над европскиот просек на Светската здравствена организација, кој изнесува 25 проценти. Дополнително загрижува фактот што пушењето кај нас во голема мера се смета за општествено прифатлива навика, а само 17 проценти од граѓаните изразуваат неодобрување кон пушењето.
Андоновска предупреди дека употребата на тутун е директно поврзана со бројни заболувања, меѓу кои кардиоваскуларни, хронично-белодробни заболувања, мозочен удар, повеќе видови малигни заболувања, како и компликации во бременоста.
„Особено загрижува фактот што сè повеќе млади лица започнуваат со употреба на никотински производи уште во многу рана возраст, со што ризикот од долгорочни здравствени последици дополнително се зголемува“, рече Андоновска.
Според неа, на годишно ниво во земјава умираат околу 12.000 граѓани поради болести предизвикани од пушење.
Претставникот на Светската здравствена организација за Македонија, Аким Али, предупреди дека тутунската индустрија ги менува и маскира производите за да им ги доближи на младите.
Тој посочи дека производите со светли бои, модерно пакување и слатки вкусови не се безопасни, туку се дизајнирани да ја прикријат суровоста на никотинот и да ја олеснат употребата, особено кај младите.
„Зад светлите бои, елегантното пакување и слатките вкусови лежи јасна намера да се нормализира употребата на никотин и да се создаде доживотна зависност кај младите“, рече Али.
Според него, 14 од 100 млади луѓе во земјава користат тутун, а 9 проценти користат електронски цигари. Тој додаде дека од последното истражување во 2016 година, употребата на електронски цигари е двојно зголемена.