Закерберг: САД не треба да ја блокира вештачката интелигенција од Кина

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој рече дека забраната на кинеските модели на вештачка интелигенција нема да биде ефикасно решение

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, изјави дека американската влада не треба да ја блокира кинеската вештачка интелигенција. Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој рече дека забраната на кинеските модели на вештачка интелигенција нема да биде ефикасно решение. Наместо тоа, американските компании треба систематски да ги идентификуваат пречките за да се натпреваруваат со кинеските компании за вештачка интелигенција, објави Си-Ен-Ен .

Неговите коментари, објавени денес, доаѓаат во време на интензивна дебата во Вашингтон за тоа како да се регулира брзорастечката технологија и како да се одговори на сè пософистицираната конкуренција од Кина. Во овој контекст, некои високи функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврдат дека имаат докази дека кинеската компанија Moonshot AI тајно користела модели на американски конкуренти за да го тренира својот најнов модел, Kimi K3. Moonshot ги отфрли тие обвинувања.

Во исто време, американскиот министер за финансии Скот Бесент минатата недела предупреди дека може да се разгледаат санкции доколку кинеските лаборатории ја преминат границата и се вклучат во кражба на интелектуална сопственост. 

Изјавата на американскиот министер за финансии претходеше на одлуката на Федералната комисија за комуникации на САД (FCC), која вчера објави дека новите хуманоидни и четириножни роботи произведени надвор од САД, по правило, повеќе нема да можат да добијат потребно одобрение за увоз и продажба на американскиот пазар. FCC наведува дека овие уреди претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс