По Италија, закани за бомби и во над 770 британски училишта

Пораки добиле 470 училишта во Шкотска и повеќе од 300 во Северна Ирска. Полицијата ги третира како лажни дојави и соопшти дека нема показатели за веродостојна закана.

По евакуациите и безбедносните проверки во италијанските училишта, закани за бомби денеска, 11 ноември, предизвикаа загриженост и во Обединетото Кралство. Идентични електронски пораки добиле повеќе од 770 училишта, од кои 470 во Шкотска и над 300 во Северна Ирска.

За разлика од првичните евакуации во Италија, шкотската полиција соопшти дека нема потреба училиштата да се празнат само поради содржината на пораките. По направената процена, заканите се третираат како лажни дојави.

Закани за бомби испратени до стотици адреси

Шкотската полиција наведе дека пораките биле масовно испраќани преку списоци со електронски адреси. Нејзината единица за сајберкриминал и измами го истражува нивното потекло, во соработка со домашни и меѓународни партнери.

Од полицијата нагласија дека досегашните сознанија не укажуваат на веродостојна закана или на поширока опасност за јавноста.

Во Северна Ирска, повеќе од 300 училишта пријавиле дека ја добиле истата порака. Полицијата соопшти дека таа потекнува од надвор од Обединетото Кралство, а проверките засега не откриле ништо сомнително.

Помошникот на началникот на полицијата Ентони Мекнали изјави дека истрагата продолжува, но дека ризикот за јавноста се оценува како низок.

Во Италија дел од учениците се вратија на настава

Претходно денеска, италијанските власти регистрираа околу 300 аларми во училишта низ земјата. Во повеќе градови учениците и персоналот беа евакуирани за полицијата да ги провери објектите.

Премиерката Џорџа Мелони соопшти дека досегашните проверки не покажуваат конкретна опасност. Во дел од училиштата наставата продолжи по завршувањето на контролите.


Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози предупреди дека е прерано да се зборува за заеднички организатор. Истрагите треба да утврдат кој ги испраќа пораките и дали случаите се поврзани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс