Обука за меѓу-институционална координација при справување со родово насилство и фемицид

На обуката учествуваа околу 30 професионалци од полицијата, обвинителството, судовите и социјалните служби на Македонија

Со поддршка на Амбасадата на Грција во Северна Македонија и во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вчера, се одржа обука на тема „Меѓу-институционална координација при справување со родово насилство и фемицид“, во рамките на споделувањето на добри практики меѓу Грција и Северна Македонија.

На отворањето на обуката поздравни обраќања упатија шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија и претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, како и амбасадорот на Грција во Северна Македонија, Јанис Малукос.

Амбасадорот Малукос, меѓу другото, истакна дека станува збор за втората активност што се организира во текот на оваа година во рамките на соработката меѓу Амбасадата на Грција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и е дел од заложбите за зајакнување на билатералната соработка во области од клучно значење за општеството. Грција и Северна Македонија ја зајакнуваат својата соработка во областа на родовата еднаквост преку споделување на експертски знаења и добри практики, во согласност со меѓународните и европските случувања. Почитувањето на основните права и зајакнувањето на националните капацитети врз основа на европското правно наследство претставуваат основни предуслови за европскиот пат на земјите од регионот.

Родовото насилство претставува особено сериозно кривично дело, кое не ги погодува само жртвите, туку има последици врз целото општество, неговиот напредок и развој. Случаите на фемицид и родово насилство, за жал, многу често се актуелни во двете земји. Во Грција, во последните години, се преземени значајни чекори за справување со ова очигледно кршење на основните човекови права. „Нашиот пристап става посебен акцент на меѓу-институционалната соработка, обезбедувајќи органите за спроведување на законот, социјалните служби и невладините организации тесно да соработуваат, со цел да им обезбедат сеопфатна поддршка на жртвите“, истакна грчкиот амбасадор. Како што нагласи тој, „посебно внимание треба да им се посвети на помладите генерации, кои се повикани да ги надминат стереотипите и сфаќањата што се вкоренети во искуства и начин на размислување од минатото. Се надеваме дека оваа обука ќе претставува катализатор за натамошно зајакнување на соработката и партнерството меѓу професионалците од двете земји“.


На обуката учествуваа околу 30 професионалци од полицијата, обвинителството, судовите и социјалните служби на Северна Македонија. Програмата вклучуваше презентации од грчки професионалци од областа, како и две практични вежби за анализа на случаи. За таа цел, на обуката беа поканети и учествуваа: д-р Евангелос Толис, воен заменик обвинител, кој постапувал по бројни случаи на семејно насилство и од 2024 година учествува во обуката на полициските службеници распоредени во Канцелариите за справување со семејно насилство; Димитриос Хулиарас, заменик-раководител на Одделот за справување со родово насилство при Дирекцијата за социјална полиција на Штабот на Грчката полиција; и Софија Сака, од Одделот за справување со семејно насилство при Штабот на Грчката полиција. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс