Апелациски суд во Москва ја потврди казната од осум и пол години затвор за германскиот сатиричар, скулптор и илустратор Жак Тили, познат по своите карневалски инсталации во Дизелдорф.
Тили беше осуден во отсуство во април, откако руски суд го прогласи за виновен за навреда на верски чувства и ширење, како што тврди руското обвинителство, лажни информации за руските вооружени сили.
Случајот е поврзан со неговите сатирични карневалски креации, во кои повеќепати ги исмејувал рускиот претседател Владимир Путин, војната во Украина и рускиот патријарх Кирил.
Судијата Владимир Усов ја прочитал одлуката на тричлениот совет, со која жалбата на одбраната била одбиена, а претходната пресуда останува во сила.
Тили, кој се наоѓа во Германија, ја оцени пресудата како „фарса“ и изјави дека таа нема да влијае врз неговата сатирична работа.
„Не гледам причина да се продолжува овој апсурден процес. Пресудата и онака е фарса. Нема да влијае врз нашата сатирична работа за време на карневалот. Ќе продолжиме како и досега“, изјави Тили за dpa.
Тој додал дека руското правосудство во ниту еден момент не го информирало за истрагите што се воделе против него.
Неговата јавна бранителка Наталија Дудкина изјавила дека случајот, практично, е завршен, освен ако Тили не побара предметот да биде упатен до повисок суд. Таа претходно барала ослободителна пресуда, наведувајќи дека нема доволно докази.
Русија издала меѓународна потерница по Тили, а претставници на германската амбасада го следеле жалбениот процес во Москва.
Случајот повторно го отвори прашањето за границите на политичката сатира и начинот на кој руските власти реагираат на критиките кон Путин и војната во Украина, дури и кога тие доаѓаат од уметници надвор од Русија.