Денеска седумгодишно дете беше убиено во училиште во загрепската населба Пречко, наставничката е ранета откако неколку пати била прободена со нож во градите, а тројца ученици се повредени. 19-годишниот напаѓач кој со нож влегол во училиштето, го извршил делото, а потоа на ист начин излегол од училиштето, влегол во Здравствениот дом каде се обидел да се самоубие во тоалетот.
Хрватските медиуми пишуваат дека дел од граѓаните кои се собрани на школското игралиште се гневни, а еден млад човек се обратил на присутните.
„Дали дојдовме да се расправаме? Почина невино девојче, зошто? Пред една година загинаа многу деца во Белград, што се случи во Хрватска? Ништо. Сега да се собереме сите, можеме да влеземе во училиштето и никој нема да не спречи. Што рекоа тие? Дали сме сигурни? Дали сме безбедни? Животот на седумгодишно дете уште не започнал, доаѓа Божиќ, не ги отворила подароците! За што, за кого? Мојата седумгодишна внука оди на училиште, вратата од нејзината училница е прва, можеше да биде таа, можеше да биде секое дете“ рекло момчето.
Граѓаните повикуваат на подобрување на безбедноста на децата во училиштата, бидејќи тие треба да бидат најбезбедните места.
Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ најави дека ќе се зголеми безбедноста во сите образовни институции.
„Решивме во овие неколку дена, додека се празниците, да видиме што дополнително можеме да направиме во однос на безбедноста, од задолжителното заклучување на сите училишни институции и техничките подобрувања, во однос на типот на вратите во училиштата, како и да се предвиди во систематизацијата на училиштето едно место за лица кои би биле квалификувани со посебни знаења поврзани со безбедноста. Ќе преземеме мерки за подигнување на нивото на безбедност во училиштата“, додаде Пленковиќ.