Скопје денес вози по посебни правила. Поради верскиот празник Задушница, од утрово е воведен изменет режим на сообраќај околу градските гробишта, со пренасочување на возилата, кружно движење и полициска регулација за да се избегнат поголеми застои.
Најголеми измени има кај градските гробишта „Бутел“, каде што сообраќајот се одвива во една насока. Возилата што се движат кон гробиштата поминуваат по улицата Бутелска, потоа свртуваат лево по улицата Александар Урдаревски, повторно лево по Боца Иванова и оттаму кон влезот на гробиштата.
За излез од гробиштата, возилата се движат по улицата Боца Иванова, потоа кон кружниот тек на Бутелска, па лево по истата улица и десно по Кемал Сејфула.
Посебен режим и кај Камник, Драчево и Ѓорче Петров
Изменет режим на сообраќај има и во близина на гробиштата во Камник, Драчево и Ѓорче Петров, каде што исто така се очекува зголемена фреквенција на возила и пешаци во текот на денот.
Од МВР информираат дека доколку се создадат поголеми гужви и има потреба од дополнителна регулација, посебниот режим може да продолжи и во сабота и недела.
Полицијата апелира граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на сообраќајните полицајци, за движењето околу гробиштата да се одвива безбедно и без поголеми застои.